Според претседателот Стево Пендаровски, партиите биле блиску до договор за датум за избори
По четврти пат, овој пат за нови 14 дена, се продолжува вонредната состојба во земјата. Оваа одлука пред два дена ја прогласи претседателот Стево Пендаровски, за, како што посочи, институциите да може ефикасно да се справат со епидемијата на коронавирусот. Во меѓувреме политичките партии треба да ги продолжат разговорите за усогласување на датумот за одржување на предвремените парламентарни избори.
Според Пендаровски, одлуката за новите 14 дена е поврзана исклучиво со намерата да се овозможи Владата и другите надлежни институции поефикасно да се справуваат со здравствените и со економско-социјалните аспекти од пандемијата и дека нема „никаква корелација“ со датумот на парламентарните избори.
– Бројот на новозаболени и, за жал, на починати, започна да расте во изминативе денови. Точно е дека во најголемиот број од општините ситуацијата е стабилна, но за неколку општини постои сериозна загриженост. Со оглед на последните трендови, премиерот Оливер Спасовски на седницата го образложи барањето за воведување дополнителни 14 дена вонредна состојба – вели Пендаровски.
Тој од лидерите што учествувале на сите лидерски средби побара да бидат на „историска одговорност“ и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да се добијат институции со полн капацитет, велејќи дека државата нема парламент и дека постои техничка влада, која има лимитирани овластувања, и дека ситуацијата е премногу сериозна.
Откри и дека партиите биле блиску до договор за датум за избори, но последните два дена, поради ситуацијата со коронавирусот и зголемениот број заболени, ја прекинале комуникацијата. Партиските лидери, според него, се разидувале за 10-15 дена околу датумот за изборите, а можеби и помалку.
Пендаровски изјави дека ќе биде добиена борбата против ковид-19, но дека мора граѓаните да научат да го организираат животот во услови на постоење на коронавирусот, бидејќи, како што посочи, случаи ќе има во наредните месеци до крајот на годината, но и потоа.
– Државата нужно мора да се отвора и мерките да попуштаат, во спротивно „ќе дојдеме во економска катаклизма“ – рече претседателот.
Претходната двонеделна вонредна состојба Пендаровски ја прогласи на 15 мај, која беше трета таква одлука, по првата што ја донесе на 18 март, во траење од 30 дена, исто како и втората.