КРИВА ПАЛАНКА
Општина Крива Паланка започна активности за асфалтирањето на стариот патен правец од Крива Паланка до селото Варовиште. Реализацијата на овој проект ќе придонесе за развој и промоција на туризмот, бидејќи асфалтирањето на стариот пат од Крива Паланка до селото Варовиште значи и обновување на патот што води кон манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.
– Патот е со должина од околу три километри, а вредноста на проектот што ќе придонесе за промоција на туризмот и историското наследство на Крива Паланка, изнесува околу 16 милиони денари. На патот се санирани постојните свлечишта, изградени се потпорни ѕидови, поставени се риголи по должината на целата траса, а делови од патот се проширени, за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот – информираат од Општина Крива Паланка.
Асфалтирањето на овој патен правец е во рамките на проектот „Реконструкција на патна инфраструктура за пристапен пат до манастирот ’ Св. Јоаким Осоговски‘ – село Варовиште“, кој Општината го реализира преку Програмата за рурален развој на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.