Кога може да се прогласи крај на епидемијата
Епидемиолозите велат дека кога станува збор за пријавување епидемија и дерегистрирање од одредена област, тоа се прави според епидемиолошката дефиниција што важи во целиот свет
Бројот на заразени со ковид-19 стивнува во Македонија, како и во најголем дел од Европа, но сѐ уште е далеку денот од кој ќе може да се бројат деновите без заразени лица. Но тоа не значи и дека ќе биде укината одлуката за прогласена епидемија во земјава. За да се случи тоа постои протокол што треба да се испочитува, а тоа е да нема ниту еден случај на позитивен на коронавирусот во два последователни инкубаторски циклуси. Тоа практично значи дека Македонија во епидемија може да остане и во следните неколку месеци.
Епидемиолозите велат дека кога станува збор за пријавување епидемија и дерегистрирање од одредена област, тоа се прави според епидемиолошката дефиниција, кога ќе помине двојниот максимален период на инкубација за некоја болест. Истото важи и за сите други епидемии.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека откако во тек на две максимални инкубации (2 по 14 дена = 28) нема да се појави ниту еден случај на болест, може да се одјави епидемијата.
– Тоа е епидемиолошки принцип. Исто е и кај нас и насекаде. Максимална инкубација на болеста насекаде е 14 дена. Две максимални инкубации се 28 дена – посочува епидемиологот.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека враќањето на животот во нормала ќе се одвива постепено и внимателно.
– За да помогнеме, во следниот период сите ќе мора задолжително да почитуваме три правила, често миење и дезинфицирање раце, одржување најмалку два метра растојание и носење заштитна опрема (маска, марама, шал) – посочи Филипче.
Според него, првата битка со коронавирусот е добиена и само ако сите се совесни и одговорни ќе успееме да ја држиме ситуацијата под контрола.