Италијанската фудбалска Серија А планира да ја продолжи сезоната на 13 јуни, ако тоа го одобри Владата. Тоа беше договорено на видеосостанокот на Лигата, на кој беше утврден датумот за продолжување на сезоната „во согласност со владините одлуки и медицинските протоколи“, пренесува „Би-би-си“.
Италијанските клубови во почетокот од мај почнаа со тренинзи, но само индивидуално. Планот е екипите од понеделник да тренираат колективно. Серија А беше суспендирана на 9 март, а за доигрување остануваат 12 комплетни кола, плус четири одложени натпревари. Јувентус, кој атакува на деветта последователна титула, е на врвот на табелата.
Од Серија А додаваат дека ќе се придржуваат кон упатствата на Италијанската фудбалска асоцијација (ФИГЦ) и кон воспоставените медицински протоколи. Според тие упатства, доколку некој играч или член на персоналот биде позитивен на тестот за ковид-19, целиот тим ќе мора да оди во карантин 15 дена. Тоа е главна точка на расправа за повеќето клубови, бидејќи во германската Бундес-лига екипите ќе ги изолираат само поединците што би биле позитивни, а не и комплетните тимови.