Судењето за организаторите на упадот во Собранието од 27 април 2017 година, ќе продолжи на 15 мај, кога е предвидено да бидат сослушани сведоците Стефан Младеновски и Весел Мемеди.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, на денешното рочиште сведочеше оти на тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, му предложил да се промени дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, што не било прифатено.
Ова е второ сведочење на Спасовски, кој беше повикан во судот како сведок за најмасовниот предмет поврзан со „27 април“ во кој имаше 33 обвинети, од кои 15 добија амнестија.
На денешното рочиште сведочеше и Антонио Кочков, кој истакна дека е член на ВМРО-ДПМНЕ и дека ги поддржувал протестите на движењето „За заедничка Македонија“. Тој не бил на протестите, но дошол кога се случувал упадот во Собранието.
Поранешниот претседател на Собранието, Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се обвинети во предметот „27 април“, во кој се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. Тие, за таа цел ги организирале и материјално ги поддржале протестите, најпрвин пред Државната изборна комисија (ДИК), а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилниот упад во Собранието.
Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, исто така беа опфатени во истрагата, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.