САД му забранија влез во земјата на Хавиер Солана, поранешен генерален секретар на НАТО и екс министер за надворешни работи на Шпанија, поради патување во Иран, една од земјите, која американскиот претседател Доналд Трамп ја стави на својата „црна листа”.
На Солана, кој треба да одржи говор во институтот Брукингс во Вашингтон, му е одбиена американската виза преку електронскиот систем „поради посета на непријателска држава”, пишува шпанскиот весник „Паис”.
Солана последен пат го посети Иран во 2013 година, кога оствари средба со претседателот Хасан Рохани.
Извори од американската амбасада во Мадрид не сакаа да го коментираат случајот за „Паис”, но прецизираа дека американскиот електронски систем за авторизација на патувањата (ЕСТА) автоматски ги отфрла барањата на луѓето, кои посетиле која било од седумте земји погодени од забраната за патување во САД.
Тие земји се Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен.
Солана во разговор за „Паис” го негираше инцидентот и потврди дека е во процес на добивање виза.
Солана беше генерален секретар на НАТО од 1995 до 1999 година. По завршувањето на мандатот, Солана стана генерален секретар на Западноевропската унија, а потоа генерален секретар на Советот на Европската унија, а наскоро потоа, ја доби функцијата Висок претставник за надворешна и безбедносна политика.