Реномираниот македонски пијанист Дино Имери ќе има ексклузивниот настап во живо под наслов „Концерт во изолација“, кој ќе содржи изведби на дела од Бетовен, Брамс, Дебиси, Рахмањинов и други. Концертот ќе се одржи денеска, со почеток во 18 часот, во Музејот на македонската борба. Изведбата ќе се одвива во салата на музејот, а публиката ќе може да го проследи во живо преку профилот на Музејот на социјалната мрежа Фејсбук.
Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и камерен оркестар на ФМУ, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Рецитално настапувал на престижни сцени низ цела Европа, меѓу кои и „Ватрослав Лисински“ во Загреб, палатата „Естерхази“ и „Лист-центрум“ во Австрија, „Пијано плаж фестивал“ во Франција, на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест“ во Битола и др. Добитник е на голем број награди и признанија, а бележи и голем број домашни и меѓународни дискографски изданија.
Од декември 2018 г. се стекнува со звањето доцент и предава повеќе предмети од областа на пијано, камерна музика, корепетиција и пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.