Сите што ќе сакаат да влезат во Хрватска ќе мора да имаат потврда дека се тестирани на коронавирус, изјави директорката на Клиниката за инфективни болести, Алемка Маркотиќ. Таа додаде дека тестот не смее да биде постар од 24 часа.
– Оние што ќе сакаат да влезат во Хрватска, ќе мора во својата земја да направат ПСР-тест, кој не смее да биде постар од 24 часа. Само со таа потврда ќе може да влезат во земјата. Тестот е веродостоен, но не е 100 отсто сигурен, па затоа мора да бидеме внимателни – рекла Маркотиќ за дневникот на ХРТ.

Директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје, Крунослав Цапак, рече дека оваа мерка прво ја вовеле затоа што оние што доаѓаат во земјата мора да бидат во изолација 14 дена.

– Оние што работат во пограничните региони почнаа да прашуваат дали може да ја прекинат самоизолацијата и тоа го практикувавме некое време. Но тоа се покажа комплицирано, па воведовме дека може да дојдат само на 72 часа. За продолжениот викенд во Хрватска влегле повеќе од 2.000 луѓе. Сега секој ќе мора да има потврда дека е тестиран на вирусот и само со таква потврда ќе може да влезе во Хрватска – изјави Цапак.