Министерството за здравство ја информира јавноста дека за состојбата со коронавирусот ги известува сите медиуми истовремено веднаш откако ќе ги добие официјалните податоци од Институтот за јавно здравје.
– Со оглед на тоа што во изминативе денови, неколку медиуми први информираат за статистиката на денот ги замолуваме сите медиуми – да се држат исклучиво до официјалните информации кои излегуваат од релевантните институции наместо да користат лични контакти за информирање. Состојбата во државата е вонредна и овие моменти не би требало да се користат за ексклузивитет – затоа што податоците може да бидат неточни, но и податоци без детална информација предизвикуваат страв и паника кај семејствата кои се лекуваат од ковид-19 на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, како и во останатите јавно-здравствени установи – велат од Министерството.
Министерството за здравство апелира на солидарност и грижа во овие моменти.