Митрополитот црногорско-приморски Амфилохије, кој е поглавар на Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора, денеска бил приведен во центарот за безбедност во Подгорица.
Како што информираат српските медиуми, митрополитот бил приведен по неговата служба во црква во населбата Златица во Подгорица.
– Митрополитот е во Центарот за безбедност во Подгорица. Тој беше приведен по службата, за време на која владееше вистинска опсада пред светото место. Неколку свештеници од храмот на Христовото воскресение се исто така уапсени. Очигледно, ова е демонстрација дека во Црна Гора почнува да се применува Законот за слободата на вероисповед – изјавил за „Вечерње новости“ еден од свештениците присутен на настанот.
Од почетокот на годината, Српската православна црква редовно организира протести во црногорските градови поради спорниот Закон за вероисповед.
Законот од декември минатата година бара сите верски заедници кои делуваат во земјата да се регистрираат и да ја докажат сопственоста над имотот што го поседувале и пред 1918 година, кога Црна Гора била присоединета кон Кралството Србија.
Српската православна црква инсистира на тоа дека целта на таквата регистрација е нејзино понижување и дека владата се обидува да го експроприра нејзиниот средновековен имот, вклучително и цркви, манастири и земјиште.
Од друга страна, црногорските властите тврдат дека законот има намера да ја доведе во ред евиденцијата на имотот на верските заедници.