Фото: Маја Јаневска-Илиева

Статистиката на Европската Унија покажува дека секоја година на ниво на Унијата умираат во просек околу 3.000 луѓе како резултат на компликации од сезонски или од свински грип. Најголема смртност има во Франција, Италија, Британија и во Германија

Европа секоја година брои жртви од разни грипови

Дали бројот на смртните случаи од коронавирусот во Европа е толку драматичен и дали тој може да се спореди со регистрираните смртни случаи поради компликации од сезонски или свински грип, на пример, е прашањето што се поставува во јавноста уште од почетокот на пандемијата. Лекарите објаснуваат дека станува збор за различни вируси, пред сѐ, затоа што за свинскиот и сезонскиот грип постојат вакцини и соодветен третман на пациентите, кој веќе е добро клинички испитан, додека, како што истакнуваат, коронавирусот иако не е непознат, сепак, е недоволно испитан, без вакцинален третман и со различни манифестации на симптоми, кај различна категорија луѓе. Она што засега е познато е дека коронавирусот предизвикува тешка клиничка слика кај повозрасната категорија луѓе.

Епидемиолозите велат дека споредбите меѓу сезонскиот и свинскиот грип и коронавирусот не се најсоодветни, иако потврдуваат дека сезонскиот грип, секоја година, на светско ниво, регистрира голем процент на смртност. Освен тоа, во оваа ситуација загрижува тоа што коронавирусот се шири многу полесно и што неговото присуство во еден човечки организам трае подолго.
Во Македонија минатата година, само во февруари и март биле регистрирани 22 смртни случаи како резултат од компликации од свински грип. Најмногу смртни случаи од свински грип имало во пандемиската 2009 година, кога во земјава починаа 33 лица.
Исто така, во земјава секоја година се регистрираат и смртни случаи како компликации од сезонски грип. Според податоците на Институтот за јавно здравје, оваа година се регистрирани три такви случаи.

Статистиката на Европската Унија, пак, покажува дека секоја година на ниво на Унијата умираат во просек околу 3.000 луѓе како резултат на компликации од сезонскиот или од свинскиот грип. Најголема смртност има во Франција, Италија, Британија и во Германија.
Во периодот од 2012 до 2017 година, според статистиката на Еуростат, најмногу смртни случаи во државите на ЕУ имало во 2015 година, кога се регистрирани 5.894 смртни случаи како компликации од сезонски и од свински грип. Следната 2016 година имало нешто помалку, односно 4.737 регистрирани случаи. Во овие десет години најмал број, 1.834 смртни случаи од сезонски и од свински грип имало во 2014 година.
Од статистиката за 2017 година се гледа дека истата година само во Германија, Шпанија и во Италија има околу 2.000 смртни случаи од сезонски и свински грип. Во Германија во 2017 година починале 1.179 лица, во Шпанија 1.175, а во Италија 663 лица.

Овие три држави, вклучувајќи ја и Велика Британија, како членки на ЕУ, се со најголем број починати секоја година од сезонски или свински грип.
Инаку, според статистиката на Еуростат, со која се опфатени и некои од државите во соседството, во Бугарија речиси секоја година се регистрирани над десетина смртни случаи од сезонски или свински грип. Од 2011 до 2017 најмногу смртни случаи имало во 2011-та, кога се регистрирани 21 случај.
За Грција била најкритична 2016 година, кога од свински и сезонски грип починале 135 лица. Во Србија бројот во просек се движи околу 30 смртни случаи во текот на една година. Најмногу во оваа земја, односно 39 смртни случаи имало во 2011 година, додека во 2017 година имало 37 смртни случаи.
Инаку, коронавирусот најмногу животи досега однесе во Италија, каде што, според последните податоци, се регистрирани над 10 илјади починати. Шпанија е втора, со 6.800 смртни случаи досега, а потоа следуваат Франција, со 2.600, и Велика Британија, со 1.200 смртни случаи. Во Германија бројката на починати од новиот вирус е нешто повеќе од 500 лица.
Во Македонија, според последните завчерашни податоци, бројот на починати од коронавирус е седум лица.


                                              
2019 година (март/април)        починати во Македонија
сезонски/свински грип         22

2020 (март)
корнавирус                             7

[email protected]