Најмалку седум европски држави почнаа со клиничко испитување, во кое четири експериментални лекови за коронавирусот ќе бидат тестирани на вкупно 3.200 пациенти, соопшти француското министерство за здравство.
Четирите лека што треба да се тестираат кај голем број пациенти се ремдесивир, лопинавир во комбинација со ритонавир, а подоцна може да се комбинираат со бета интерферон и хидроксихлорокин, се наведува во соопштението на „Инсерм“, организација за медицински истражувања во Франција.
Ремдесивир е експериментален антивирусен лек, кој претходно бил тестиран за третман на еболата. Тој е развиен од големата биотехнолошка компанија „Гилеад сајенсес“, која на него работела од 2009 година.
Хлорокинот е широко пропишан лек за маларија, кој е одобрен по Втората светска војна од страна на Управата за храна и лекови на САД (ФДА).
Лопинавирот во комбинација со ритонавирот работи добро во контролирањето на инфекцијата од вирусот ХИВ и може да биде ефикасен во лекувањето на коронавирусот.
– Третманот ќе опфати 3.200 пациенти во Белгија, Холандија, Луксембург, Велика Британија, Германија, Шпанија и, евентуално, во други земји, како и најмалку 800 луѓе што во Франција се хоспитализирани поради инфекција од ковид-19 – додаваат од Францускиот институт за медицински истражувања.
Уште од моментот кога се појави новиот коронавирус во Кина, францускиот инфектолог и микробиолог Дидиер Раулт се залагаше за употреба на хлорокинот во третманот на болеста. Тој предизвика сомнеж кај многу други лекари, кои сметаат дека истражувањето што го спровел на 24 пациенти не ги исполнува сите потребни критериуми.
– Второто меѓународно испитување ќе биде спроведено под покровителство на Меѓународната здравствена организација (СЗО), наречено „Солидарност“ – наведуваат од „Инсерм“.