Популарните светски дестинации, кои обично се преполни со посетители, како Кинескиот ѕид, „Таџ Махал“, живописниот „Гион“, областа на гејшите во Кјото, плоштадот „Свети Марко“ во Венеција, Париз, Рим, Лондон, Мадрид, сега се главно тивки, бидејќи луѓето ги одбегнуваат мешаниците
Со оглед на тоа дека коронавирусот се прошири на сите континенти, освен на Антарктикот, и во речиси сите земји на светот, голем број туристички атракции останаа пусти поради стравот од зараза. Патниците секојдневно ги откажуваат летовите и резервациите, а голем број културни настани не се одржуваат поради епидемијата.
Во последниве неколку години најмногу се зборуваше за прекумерниот туризам и за тоа дека некои градови, атракции и места станаа премногу популарни, а со тоа и напливот на туристи се зголемуваше постојано, што го влошуваше квалитетот на животот на месното население, пишува Си-ен-ен.
Сега, пак, се случи целосен пресврт, поради појавата на коронавирусот, што потекна од градот Вухан во Кина и се прошири во целиот свет. Како што се напоменува, тоа би можело да има многу големо негативно влијание на светската туристичка индустрија.
Голем број држави им го ограничија доаѓањето на патниците од Кина, кои, пак, се најмногубројните светски патници, а тоа, пак, значително ја намали посетеноста.
Авиокомпаниите побараа од персоналот да замине на неплатен одмор, бидејќи многу летови се откажани, а хотелите и другите атракции известуваат за намален број резервации.
Многу од најпознатите места во светот, вклучувајќи го и паркот „Дизниленд“, во Шангај и во Хонгконг, се затворени за посетителите.
Настаните како Лондонскиот саем на книгата и Венециското архитектонско биенале исто така се откажани, како и настаните по повод доаѓањето на Лунарната нова година низ Азија.
Популарните светски дестинации, кои обично се преполни со посетители, како Кинескиот ѕид, „Таџ Махал“, живописниот „Гион“, областа на гејшите во Кјото, плоштадот „Свети Марко“ во Венеција, Париз, Рим, Лондон, Мадрид, сега се главно тивки, бидејќи луѓето ги одбегнуваат мешаниците.
И додека несудените туристи одлучиле да си седат во своите куќи и станови, откажувајќи ги патувањата и доколку има услови работејќи од дома, за да се заштитат, некои похрабри фотографи одлучиле да фотографираат како изгледаат најпосетените места на планетата без луѓе.