Паралелно со борбата на здравствените работници за животите на заболените и за изолирање на потенцијално заразените, владините служби во изминативе денови интензивно работеа на засилување на постојните и воведување нови мерки за заштита на јавното здравје, како и на контрола на нивното спроведување
Повеќедневното последователно зголемување на бројот на заболените од коронавирусот во земјава, резултира со нови заострувања на мерките и со преземање нови активности од страна на Владата во текот на викендов, за да се спречи локална трансмисија на вирусот, но и навреме да се изолираат потенцијални носители на вирусот при влез во земјава.
Што се однесува до заболените, сите 18 евидентирани, според информациите што вчера ги презентира министерот за здравство Венко Филипче, се во стабилна состојба и денеска едно од хоспитализираните би требало да биде пуштено на домашно лекување, а се очекуваа и резултати од тестирањето на уште седум нови лица, меѓу кои и две родилки од Дебар.
Пациентите за кои се чекаа резултати, според министерот, се од Штип, Куманово, Тетово и од Кичево. Тие престојувале во Швајцарија, Австрија и во Германија и неколку дена по враќањето во земјава развиле повисока телесна температура и сега се во одделите за изолација во локалните болници.
Филипче изјави дека сите 13 пациенти на Инфективната клиника во Скопје, вклучувајќи го и 15-годишното момче, вчера биле во стабилна состојба, идентична на претходниот ден. Само една пациентка била на механичка вентилација, со значајно подобрување, но без можност да се предвиди развојот.
Во однос на состојбата во Дебар и во Центар Жупа, во кои во петокот беше прогласена кризна состојба, министерот кажа дека е стабилна.
Тој додаде дека целиот медицински персонал во оваа состојба на справување со коронавирусот е на располагање и им се заблагодари на приватните болници, кои ги ставија на располагање своите капацитети, и информира дека во државата има 120 машини за дишење, од кои 90 се во Скопје.
Паралелно со борбата на здравствените работници за животите на заболените и за изолирање на потенцијално заразените, владините служби во изминативе денови интензивно работеа на засилување на постојните и воведување нови мерки за заштита на јавното здравје, како и на контрола на нивното спроведување. Во тој контекст, министерот Филипче го повтори апелот до граѓаните да останат во своите домови и движењето да го сведат на најнеопходното, строго придржувајќи се до сите упатства за заштита.
Инаку во саботата, Владата, меѓу другото, реши да ги затвори сите копнени гранични премини со исклучок на Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце, како и аеродромот „Св. апостол Павле во Охрид“ и да забрани влез на странски државјани и од земјите со висок и со среден ризик. Освен тоа, наложено е да се затвораат сите продавници во трговските центри, освен аптеките, супермаркетите и продавниците за храна. Воведена е и целосна забрана за работа за кафетериите, баровите, клубовите, казината, обложувачниците. Сите угостителски објекти ќе работат на алтернативен начин, односно ќе може да работат со електронски нарачки и да вршат достава на храна.
Беше формиран и Главен координативен кризен штаб со кој раководи претседателот на Владата.
МНР во потрага по решение за заглавените државјани во странство
Министерството за надворешни работи уверува дека бара решение за сите граѓани, кои поради владините мерки за забрана за влез во земјава од државите од висок и од среден ризик, заглавија на граничните премини и на аеродромите и не можат да се вратат во земјава.
– По интензивна комуникација и координација со наши граѓани, кои се враќаат во државата, како што е случај со тие од Малта, Шпанија и кои транзитираат низ Република Србија и Република Албанија, се преземаат најсоодветни можни решенија, во услови на менување на околностите на дневна основа. Во Малта нашите граѓани се упатуваат за враќање во државата преку аеродромот во Истанбул, во Шпанија, како земја со висок ризик, се наоѓаат алтернативни дестинации и транзити за нашите граѓани да можат да допатуваат во Скопје, што е случај и со аеродромот во Белград, а се работи и во координација со соседна Албанија – соопштија од МНР.
Од МНР информираат дека дополнително било одговорено на голем број прашања на граѓани, кои се соочуваат со проблеми поврзани за престојот во странство, патување низ територијата на државите во Европа, како и можноста за нивно враќање во државата.
Оттаму уверуваат дека се прават напори за надминување на ваквата состојба и дека имаат постојана комуникација со сите заинтересирани страни, во согласност со мерките и препораките на Владата и на другите држави во кои престојуваат или транзитираат.
Грција ја затвора границата со Македонија и со Албанија
Прекинување на патното, морското и авионското поврзување со Македонија и со Албанија, е една од одлуките донесени на вчерашниот состанок на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со министри од неговата влада.
Како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, исклучок од мерката е пренесувањето стоки и влез во Грција за оние што имаат грчко државјанство или живеат во земјата.
За обвинителите приоритетни се истрагите за ширењето на заразата
Државното јавно обвинителство ги задолжи вишите и основните јавни обвинителства своето работење да го организираат според заклучоците на 19-та седница на Владата и приоритет да им дадат на кривичните пријави, кои се однесуваат на пренесување заразни болести.
Од кабинетот на државниот обвинител Љубомир Јовески, за медиумите информираа дека јавните обвинители ќе може да работат и од дома, кога не сослушуваат осомничени и сведоци, но од друга страна, ако обвинителот биде недостапен за Обвинителството, ќе биде подложен на дисциплинска одговорност.
Од Обвинителството подвлекуваат дека за закажаните судења и судските рочишта, јавните обвинители и натаму ќе постапуваат во согласност со упатствата и насоките на Судскиот совет и на претседателите на судовите.
И изборите се доведени во прашање?
Откако повеќето медиуми ја пренесоа информацијата, според која Државната изборна комисија, вчера од отворена седница упатила апел за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, од Комисијата вчера се огласија со известување дека „не одлучувала, не побарала и не препорачала одложување на изборите, ниту има право на тоа“.
– Напротив, Комисијата истакна дека работи според законот и роковникот и навремено ги презема сите дејства во насока на организација на изборите и дека ќе се приспособи и ќе ја почитува секоја одлука на надлежните институции во врска со актуелната ситуација – се вели во известувањето.
Претходно, можноста за одложување на изборите ја навести претседателот Стево Пендаровски во неговото петочно обраќање, кога најави и дека денеска ќе одржи состанок на Советот за безбедност.
Инаку, политичките партии најавија дека до 22 март ги прекинуваат сите активности во пресрет на изборите. За ова, техничкиот премиер Оливер Спасовски добил уверување од сите партии, по телефонски разговори со партиските лидери Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Зијадин Села, Билал Касами и Африм Гаши. На лидерската средба, која се одржа минатата недела, партиските лидери се договорија дека ќе се следи развојот на состојбата со коронавирусот и дека здравјето на граѓаните ќе биде приоритет.
Во јавноста, вчера се огласи и претседателот на парламентот Талат Џафери, кој истакна дека од правен аспект многу е тешко да се отповика одлуката за избори на 12 април, ама дека, сепак, треба да се разгледаат сите можности во интерес на јавното здравје