Покрај фудбалот, на удар се и многу други спортски настани

Прекинати се речиси сите фудбалски првенства во Европа, во ЛШ и во ЛЕ, под прашалник е и ЕП 2020, одложен е почетокот на сезоната на Формула 1, откажан е почетокот на велосипедската трка Џиро д’Италија…

За неверојатно кратко време пандемијата на коронавирусот ги запре речиси сите најголеми и најзначајни спортски настани во светот. Она што започна со одложувања натпревари на светско ниво, играње врвни фудбалски натпревари зад затворени врати, кулминира минатиот викенд. Запре и најбогатата и најатрактивна европска фудбалска лига, англиската Премиер-лига (до 3 април!) едно од последните натпреварувања што некако опстојуваа, откако поголем број тренери/менаџери, играчи и други лица се пожалија дека се инфицирани.

Во Премиер-лигата ќе нема фудбал до 3 април, иако некои, како Би-би-си, сметаат дека продолжувањето на шампионатот на 3/4 април е „речиси невозможно“. Клубовите во Премиер-лигата за четврток најавија втор состанок за вонредни состојби на кој ќе разговараат за одлуката на УЕФА во врска со ЕП 2020 и за тоа како таа ќе влијае врз продолжението на домашната сезона.
Европската фудбалска унија (УЕФА) се обидуваше некако да балансира, но мораше да попушти пред коронавирусот и да ги одложи натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), кои беа на програмата неделава.

По прекинот на речиси сите фудбалски национални шампионати во Европа вниманието сега е свртено кон Европската фудбалска унија (УЕФА), која за утре свика итен видеосостанок со челниците на 55-те земји-членки и со претставниците на врвните европски клубови, на кој ќе се расправа за тоа како да заврши сезонава и да се доиграат мечевите во ЛШ и во ЛЕ. Покрај тоа, битна точка на дневниот ред ќе биде и веќе извесното одложување на ЕП 2020, за следната 2021 г., односно за декември годинава, како што шпекулираат некои.
Официјален претставник на УЕФА за „Ројтерс“ рече дека „сите опции се на маса“, а друг додаде дека е можно во продолжението од нокаут-фазата во ЛШ и во ЛЕ да се игра само по еден натпревар. Осминафиналната рунда би завршила според планираното (со по два меча), а потоа во четврт-финалето и во полуфиналето би се играл по еден меч. Намерата на УЕФА е финалето да се одигра во закажаниот термин, на 30 мај во Истанбул, а финалето на ЛЕ на 27 мај во Гдањск, Полска. ЕП 2020 се соочува и со проблемот со квалификациските плејоф-натпревари закажани за 26 и 31 март.

Фокусот е и на завршување на националните шампионати, бидејќи клубовите низ Европа се соочуваат со значителни загуби поради непродажбата на билетите и другите приходи на деновите кога се играат мечевите.
Покрај фудбалот, на удар се и многу други спортски настани. Лондонскиот маратон закажан за 24 април, е преместен за 4 октомври. Одложена е и легендарната 103-та велосипедска трка Џиро д’Италија, која требаше да започне во Будимпешта, Унгарија на 9 мај. Организаторите соопштија дека до 3 април ќе нема одлука дали трката воопшто ќе се одржи годинава. Џиро се одржува секоја година од 1909-та па наваму (Тур од 1903 година), со исклучок на годините во периодот на Првата и на Втората светска војна. Постојат стравувања дека и Тур де Франс би можел да се одложи, иако претпоставките и надежите се дека до јули опасноста од коронавирусот ќе се намали. 


Шпанските клубови со загуба од 600 милиони евра

Никој реално не можеше да предвиди вакво сценарио, но следните неколку недели ќе бидат тест за тоа колку добро работат многу фудбалски клубови низ цела Европа. Според студијата на шпанската радиостаница „Копе“, клубовите во Ла лига би изгубиле над 600 милиони евра приходи од ТВ-правата и од билети доколку не ги доиграат натпреварите сезонава. Негативниот ефекти во таа земја ќе погоди речиси 200.000 луѓе вработени во фудбалскиот сектор, чиј удел е 1,4 процент од националниот БДП, според Ла лига.Во Англија, премиерлигашите што инкасираат многу пари од ТВ-правата ќе немаат поголеми проблеми да се справат во трите недели без натпревари, но негативни ефекти ќе почувствуваат клубовите во пониските лиги.


Најпогодени вработените во неспортскиот сектор

Нема натпревари, нема пари од спонзорски договори, ТВ-права и од билети. Првпат во речиси две децении, американскиот свет на спортот вреден над 160 милијарди долари е во тешка ситуација. Голем финансиски удар ќе доживеат спортистите, тимовите, лигите, но најмногу десетиците илјади луѓе, кои се непосредно поврзани со спортските настани и егзистираат од него, пишува „Њујорк тајмс“.
Според извештаите на Бирото за статистика на трудот на САД од 2018-та, просечната годишна плата на вработените во придружниот, логистички услужен спортски сектор изнесувала 25.000 долари, половината од просечната во САД, 51.960!