Поради честите контакти со Дебар, министерот за здравство Венко Филипче апелира жителите на струшките села Лабуништа, Подгрци, Боровец, Октиси и Јабланица строго да се придржуваат до мерките против ширење на коронавирусот и да го сведат движењето на минимум. Тој извести дека вчера имало интензивни состаноци со претставници од овие села.
– ОВР Струга вчера имаше интензивни состаноци со претседатели на месни заедници во овој регион со оглед на комуникцијата што ја омаат со Општина Дебар. Тоа се претседателите на месните заедници од Лабуништа, Подгрци, Боровец, Октиси и Јабланица. Интезивно ќе се комуницира со цел граѓаните строго да се придржуваат до пропишаните мерки. Упатувам апел граѓаните да останат дома, движењето да го сведат на минимум, само за неопходните потреби – рече министерот Филипче.
Синоќа полицијата во струшките села спроведуваше своевиден полициски час. Засилено ги легитимираше луѓето затекнати на јавни места поради сомнеж дека многумина не ја почитуваат мерката за самоизолација по враќање од странство.