Во Кина повторно е забележан пораст на бројот на случаи на коронавирус по четиридневниот пад на бројот на заразени, што е резултат на приливот на луѓе од странство. Сепак, ситуацијата во провинцијата Хубеи, од каде што се појави епидемијата, продолжува да се стабилизира, а шести ден по ред е забележано намалување на бројот на нови случаи.
Во копнениот дел на Кина вчера биле потврдени 24 нови случаи на вирусот, што е за 19 повеќе отколку претходниот ден, соопшти Националната здравствена комисија.
Од тој број, 10 случаи се лица кои влегле во Кина, со што вкупниот број на заразени кои дошле од странство се зголемил на 79, пренесува „Ројтерс“.
Во Пекинг вчера се потврдени шест нови случаи, меѓу кои лица кои допатувале од Италија и од САД.
Во главниот град на провинцијата Хубеи, Вухан, вчера биле пријавени само 13 нови случаи, што е и вкупен број во Хубеи.
Главните служби во Вухан почнале со работа, соопшти тамошната влада. Тоа се однесува на клучните сектори како што се јавниот превоз и јавните служби.
Вкупниот број на заразени во копнениот дел на Кина до вчера е 80.778, а бројот на починати 3.158. Вчера беше затворена привремената болница за пациенти со коронавирус во Хонгшан откако сите пациенти биле отпуштени.