Во светот, но и во регионот изминатиот период се регистрирани голем број случаи на најразлични злоупотреби за заработка на пари преку измама на граѓаните, кои се загрижени од појавата на новиот вирус
КРИМИНАЛОТ НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ НИТУ ПАК ЕТИКА
Глобалната пандемија со коронавирусот ја користат, односно ја злоупотребуваат многу измамници и криминални организации во светов за да профитираат, на грбот на загрижените граѓани. Деновиве американската федерална безбедносна служба ги предупреди граѓани на САД да внимаваат кога комуницираат на социјалните мрежи и кога на интернет пазаруваат предмети и лекови поврзани со коронавирусот.
Гласот на Америка цитира делови од писмена изјава на федералната тајна служба, која информира дека „секој голем настан во вестите може да стане и можност за групи или индивидуи со малициозни намери да профитираат од граѓаните на САД“.
Извор од безбедносната агенција истакнува дека светските криминалци веќе на големо почнале да го користат стравот кај луѓето околу појавата на коронавирусот за да си поигруваат со нивните емоции.
Американските власти информирале дека регистрирале голем број случаи каде што измамници преку електронска пошта претставувајќи се како претставници на релевантни здравствени организации прибирале од граѓаните важни приватни информации и податоци.
Натаму, се додава и дека измамници изработиле и специјализирани малициозни софтвери и програми со кои им се краде идентитетот на луѓето, додека пребаруваат на интернет за можни лекови за најновата болест.
Медиумот информира дека се користат страници од социјални медиуми за да се натераат луѓето да донираат или се продаваат предмети за заштита од болеста, за кои луѓето плаќаат но никогаш не ги добиваат.
Во меѓувреме, британските медиуми информираа дека неодамна тамошната полиција открила дека во земјата жртвите на измами поврзани со коронавирусот изгубиле повеќе од 1 милион американски долари.
Во полициското соопштение се нагласува дека многумина од оние што биле измамени, наседнале на манипулативна продажба на интернет на маски за лице, кои наводно штителе од вирусот, а кои по трансакцијата никогаш не стигнувале на адреса на купувачот. Една измамена личност платила за вакви маски дури 20.000 американски долари.
Од друга страна, француската влада неделава ги предупреди своите граѓани да не користат опојни дроги за да се заштитат од новиот коронавирус.
– Не, кокаинот не штити од ковид-19. Тоа е дрога на зависност што предизвикува сериозни и штетни последици – напиша француското министерство за солидарност и здравје на Твитер.
Предупредувањето е издадено за да се намали влијанието на дезинформациите што се појавија во француската јавност.
Претходно, француските власти објавија слични предупредувања нивните граѓани да не подлегнуваат на измами со совети, со кои наводно се лекува коронавирусот и со кои се препорачува луѓето во оваа земја да користат големи дози алкохол и заедно со хлор да го размачкуваат по телото.
Во контекст на актуелните светски случувања, за забележување се и информациите дека сличните состојби се забележани и на Балканот.
Така, бугарската телевизија Нова информира дека тамошните граѓани плаќале високи суми за хартиена заштитна маска од странство, поради недостиг од овие производи на тамошниот пазар. Ваквите маски по нарачките никогаш не стигнале до купувачите, информира телевизијата.
Во соседна Грција, пак, разбојници ги ограбуваат граѓаните во нивните домови претставувајќи се како службеници од Националната организација за јавно здравје на Грција или од Министерството за здравство.
Според грчките медиуми, овие разбојници ги напаѓаат постарите жители на државата откога ќе им влезат во домот, наводно, информирајќи ги за здравствената состојба.
Од македонска перспектива на настаните, безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека сосема ги разбира актуелните настани во кои криминогени групи се обидуваат да профитираат од овие несакани состојби.
Стефаноски верува дека домашните служби, слични на оние во САД и во Европа со сигурност го следат криминалниот тренд и верува дека полицијата ќе ги намали штетните последици од овие настани, бидејќи во Македонија овој период е мобилизирана целата земја за успешно решавање на ова комплицирано прашање.
Фејсбук блокира реклами што нудат лажни лекови
Фејсбук неделава донесе одлука да ги забрани сите реклами што нудат лажни лекови за коронавирусот, како и објави што создаваат паника и состојба за ургентност за купување одредени производи, кои наводно помагаат за заразата.
Претставниците на социјалната мрежа информираат дека со оваа забрана се сака да се спречи креирањето лажни информации, кои многу брзо се шират и може многу луѓе да бидат измамени.