Георгиевски имаше одличен настап, победи силен ривал во финалето, освои значајни бодови, кои, пак, може да резултираат да биде носител на една од четирите листи во неговата категорија на квалификацискиот турнир за ЛОИ, вели тренерот Дарко Костовски, откако македонскиот таеквондист и кандидат за настап на Игрите во Токио, по успехот во Словенија годинава, го освои првото место и на Г1-турнирот во Софија
ТАЕКВОНДО
Најдобриот македонски таеквондист и кандидат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), го освои првото место на вториот годинашен турнир од квалитетната Г1-серија, кој се одржа во Софија, Бугарија. Тој во финалето убедливо го совлада мошне силниот Французин Омар ел Асиди, со 36-21, што може само да радува пред квалификацискиот турнир за ЛОИ, кој поради откажувањето на Милано ќе се одржи во Москва, на 18 април. Со овие нови 10 бода, како и претходните 10 од Словенија, Георгиевски се очекува да го поправи својот пласман на олимписката листа и од 37-то место да напредува за неколку места.
– Георгиевски имаше одличен настап во Софија, победи силен ривал во финалето, освои значајни бодови, кои, пак, може да резултираат да биде носител на една од четирите листи во неговата категорија на квалификацискиот турнир во Москва. Тоа автоматски значи да добие послаби противници до полуфиналето. Засега е на добар пат да му успее тоа. Познато е дека само финалистите од секоја категорија на турнирот во Москва обезбедуваат пласман на ЛОИ во Токио.
Задоволен сум и од настапот на другите македонски натпреварувачи во Софија. Поради опасност од евентуална повреда, најверојатно нема да настапиме на Г1-турнирот во Белгија – вели тренерот Дарко Костовски.
Македонските сениори во Софија, освен златниот, освоија и два бронзени медали. По победата во полуфиналето над Јена Паратанен од Финска, а потоа поразот од Унгарката Ребека Фуреди, Анамарија Георгиевска (до 67 кг) се закити со бронза и Марко Стевиќ (над 87 кг). Кај јуниорите на истиот турнир злато освои Филип Стаменов (до 78 кг), а сребра Дејан Трајковски (над 78 кг) и Милјана Рељиќ (до 68 кг).