Поранешниот министер за правда и актуелен градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети, денеска треба да сведочи на рочиштето за случајот „Монструм”. Како сведок на судењето треба да се појави и Муса Џафери, поранешен вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор.
На претходните рочиште за петкратното убиство на Смилковско Езеро, сведочеше речиси целиот врв на МВР од 2012 година.Судењето за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.