Загреб – Во Хрватска е потврден осми случај на коронавирус. Новиот случај е потврден на клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“ во Загреб, а станува збор за лице што било во контакт со заразените од Риека. Во Риека се заболени пет, а во Загреб три лица. („Хина“)
Белград – Србија има намера да купи оружје од Израел, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за „Ерусалим пост“. Вучиќ, на маргините на американско-израелската конференција на Советот за јавни работи во Вашингтон, потврди дека Србија ќе отвори дипломатско претставништво во трговската комора во Ерусалим и истакна дека Србија секогаш ќе се залага за усогласување на своите интереси со Израел. (РТС)
Љубљана – Словенечкото собрание денеска на седница ќе расправа и ќе гласа за тоа дали Јанез Јанша ќе биде новиот словенечки премиер. Коалициските партнери Словенечка демократска партија, Партија на модерен центар, Демократска партија на пензионерите во Словенија и Нова Словенија имаат доволен број пратеници. Партнерите во новата коалиција веќе си ги поделија ресорите и ги презентираа владините приоритети. Оваа нова влада предводена од Јанша ќе има мандат од само две и пол години. („Локално“)
Бисер балкански
Добра волја со реципроцитет!
– Ова го правиме како израз на добра волја и како знак на нашата посветеност да соработуваме со САД во дијалогот со Србија. Се надеваме дека нашите постапки реципрочно ќе се вратат од Белград, за што очекуваме да ги отстраниме сите нецарински бариери за трговијата со Косово и да се запре кампањата против признавањето на Косово – напиша косовскиот премиер Албин Курти, во писмото до Трамп и до Помпео, во кое наведува дека односите меѓу Белград и Приштина мора да се решат преку дијалог „што ќе кулминира во меѓусебно признавање“.
Вчера во косовското собрание се одвиваше остра дебата за предлогот на приштинската влада, за укинување на царините за српските производи и производите до БиХ, што ќе се применува од 15 март годинава. Прво ќе биде укинат данокот за увоз на суровините.