Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, води на парламентарните избори, но тој сè уште го нема потребното мнозинство за формирање на владата, на третите избори во период од една година.
Во меѓувреме, резултатите покажаа дека Нетанјаху нема парламентарно мнозинство и најверојатно овој резултат е политички ќорсокак.
– Победата е особено слатка затоа што беше освоена и покрај сите тешкотии – рече Нетанјаху во седиштето на неговата партија во Тел Авив, пренесува „Ројтерс“.
Неговиот политички ривал, Бени Ганк изрази разочарување во неговиот штаб на партијата.
– Ова не е резултатот што го посакувавме – рече тој.
Победата би му овозможила на Нетанјаху да ја потврди својата политичка долговечност и покрај обвинувањата за корупција, но и да му го отвори патот за да го исполни ветувањето по изборите за изградба на нови израелски населби во окупираниот Западен Брег, во согласност со мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
Предлогот беше категорично отфрлен од Палестинците затоа што не остава простор за воспоставување на палестинска држава во Појасот Газа и Западниот Брег.