Првпат по повеќе од една деценија, набавени се нови садови за отпад во Делчево. За подобрување на состојбата со управување на отпадот, општината Делчево набави 23 контејнери вредни 371.000 денари. Контејнерите се со волумен 1,1 кубен метар и капацитет од 430 килограми, а се предадени на ЈКП „Брегалница“. Оттаму ќе се транспортираат на планираните локации, каде што досега биле поставувани стари и оштетени контејнери или воопшто ги немало. Новите садови за отпад ќе придонесат за подобар квалитет на услугите при собирање на комуналниот отпад.
– Во согласност со спроведената јавна набавка „Набавка и испорака на метални контејнери за отпад“, склучен е договор за набавка и испорака на метални контејнери со друштвото за техничко испитување, контрола и анализа „Технички институт Македонија“ ДОО Неготино. Инаку, преку проект на ЛАГ Малеш-Пијанец, Делчево очекува нови садови за отпад. Во моментов се спроведува постапка за набавка на урбана опрема – парковски канти за отпадоци, контејнери за отпад и контејнери за селекција за отпад вредна 880.000 денари – велат од општината Делчево.
Надлежните сметаат дека сите овие активности ќе придонесат за подобрување на квалитетот на живеењето на граѓаните, со акцент за подобро управување со отпадот, кој е еден од основните проблеми во регионот.