Под мотото „Држава за сите“, Алијанса за Албанците на Зијадин Села и Алтернатива на Африм Гаши ќе настапат заедно на изборите, откако денеска и официјално го потпишаа договорот за коалиција. Како што најавија, очекуваат оваа коалиција да победи на изборите и да влезе во власта по изборите. Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, рече дека се сигурни дека разочараните гласачи на ДУИ ќе ја изберат оваа опција, бидејќи, како што кажа, од Ахмети не може да очекуваат ништо друго освен нова борба за министерски фотелји.
– Али Ахмети и граѓаните не треба да се плашат од победата на нашата коалиција, туку напротив треба да се радуваат. Гласачите добро знаат кои сме ние, знаат дека секогаш сме стоеле на дадениот збор, за разлика од ДУИ. Нашата победа ќе значи правда, рамноправност и достоинствен живот за сите, а ДУИ ќе ги извадиме од фиоките каде што се имаат поставено со години, по министерствата и владата. Ахмети не беше достоен да биде дел ниту од избирањето на претседателот на Собранието, тој наместо да остане да гласа, избега. Неговите ветувања за јазикот, за Албанец претседател на Собранието се стари уште од 2014 кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваше прво двојазичност, па Албанец претседател , па ЕУ и НАТО и на крај од сите тие ветувања ништо, освен што се изборија да влезот по министерства и да освојат повеќе ресори. Гласачите ќе дојдат кај нас затоа што даваме конкретна понуда и реални проекти – порача Села, лидерот на Алијанса за Албанците.
Неговиот коалициски партнер Гаши рече дека анкетите за рејтинзите биле на страната на опозициските коалиционери, што, според него, било доволно за освојување на власта. Гаши не сакаше да каже колку пратеници точно очекуваат, но додаде дека очекуваат добар дел од незадоволните Албанци да им ја дадат поддршката.
– Ако сакате математиката, еве ќе се обидеме просто да пресметаме. 250.000 гласови има албанскиот политички блок, по последните избори од 2016, 70 до 80 гласови отидоа на контото на ДУИ, остануваат 170.000 гласачи ако не ги сметаме нивните. Значи, ако освоиме добар дел од оваа бројка, ќе биде повеќе од доволно да се сметаме за победници на овие избори – додаде Африм Гаши, претседател на Алтернатива.
Што се однесува до предизборна коалиција со македонските партии, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, рече дека сè додека во Македонија има етничка дискриминација нема услови за таква коалиција.
– Сè додека во Македонија немаме држава за сите, сè додека институции од ЕУ кажуваат дека постои дискриминација од етнички план во Македонија, мислам дека уште не се создадени услови за да имаме такви предизборни коалиции – додаде Села.