Иако се очекуваше последните дождови да ја подобрат состојбата, водата само делумно се поврати, но постои опасност изворите повторно да пресушат
Поради сушите карактеристични во последниве години во земјава, штедроста на повеќето извори драстично е намалена, а има опасност некои од изворите целосно да пресушат. Таков е случајот со голем дел природните извори во кичевско-бродскиот регион, чија штедрост е сведена на минимум, а на некои локации некогаш богатите извори целосно пресушиле, како што е случај во селото Видрани, иако селото е прочуено токму по чешмите на сретсело, кои во изминатите децении не пресушиле, како оваа есен.
– Нашето село не е најголемо ниту најпознато, но можеше да се пофали со богати извори со првокласна вода, од кои бликаше студена и бистра вода цела година. Населението, освен за пиење и домашни потреби, ја користеше водата и за наводнување на бавчите и блиските ниви. Но поради сушата што ги зафати регионот и земјата последните години, штедроста на изворите се намали, а од есента тие и целосно пресушија. Ова им создаде големи проблеми на локалните жители, кои од овие извори се снабдува со вода за пиење и за другите домашни потреби, по што тие беа принудени да ја гаснат жедта за вода од подалечните планински извори, кои сѐ уште не беа пресушени – вели Наќе Николоски, жител на селото, кој, како и неговите соселани, очекуваше последните дождови да ја подобрат состојбата.
Сепак, водата само делумно се поврати, што беше далеку од очекувањата, поради што граѓаните стравуваат дека ако продолжи сушата, постои опасност изворите повторно да пресушат.
– Бевме оптимисти дека дождовите ќе ја подобрат состојбата, но, за жал, очекуваните количества на вода ги немаше и изворите даваат сосема мали количества вода за пиење – додаде Николоски.
Во Порече состојбата е слична, па едно од селата каде што месното население се снабдувало од бунари, се најде во тешка состојба поради недостигот од вода за пиење.
– Во нашиот регион не падна ниту капка дожд, што се одрази и врз количеството вода во бунарите што ги користиме во нашето село. Токму поради сушата целосно пресушија повеќето бунари и за потребите на селаните остана само еден бунар, кој не располага со доволно вода за целосно покривање на потребите – вели Митко од село Рамне.
И во селото Растеш иако има повеќе богати извори, поради неповолната хидрологија постои опасност тие целосно да пресушат.
– Во нашето село отсекогаш имаше вода во изобилство и повеќе од тоа, но сушата што трае со години и зимите без речиси никакви врнежи од снег, придонесоа и од нашите прочуени извори денес да излегува минимално количество. Ако продолжи сушниот период, не е далеку времето и овие извори целосно да пресушат – вели Славе, жител на селото Растеш.