Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека поседувањето фрижидер во домот е знак за просперитет, со што предизвика нова полемика пред предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција на 24 јуни, пишува „Хуриет дејли њуз“.
На вчерашниот предизборен митинг во Сакарија, Ердоган ги спореди бројките за продажбата на автомобили и фрижидери од почетокот на владеењето на Партијата на правдата и развојот во 2002 година и денес.
Тој посочи дека во 2002 година биле продадени 91.000 автомобили, додека минатата година таа бројка изнесувала 723.000. Ердоган, исто така, истакна дека во 2002 година биле продадени 1.088,000 фрижидери, а лани биле продадени 3.107,000, што според него е показател дека нема сиромашни луѓе.
– Ако во секоја куќа има фрижидер, ние сме на одредено ниво на просперитет – изјави турскиот претседател.
Неговиот говор поттикна големи реакции на социјалните мрежи, каде критичарите истакнаа дека веќе неколку децении во речиси секој дом во Турција има фрижидер.
Реакција дојде и од претседателскиот кандидат на главната опозициска Народнорепубликанска партија Мухарем Инџе, според кого, ставот на Ердоган покажува дека тој изгубил контакт со обичниот народ.
– Кори од дрвја ли јадевме пред тебе Ердоган?, праша на синоќешниот предизборен митинг Инџе.
– Тој смета дека дури и фрижидер е луксуз за оваа нација, а самиот тој пие бел чај, кој чини 4.500 турски лири (975 долари). Нашите граѓани имаат фрижидери во нивните домови веќе 40 години, но Ердоган ги испразни во последно време – додаде Инџе.