Поради кризата во водоснабдувањето на жителите на бугарскиот град Перник, обвинителството донесе одлука за приведување две лица, кои биле поврзани со неекономичното стопанисување со водите од акумулацијата Студена. Вчера се очекуваше одлуката од специјалниот суд дали ќе им биде продолжен 72-часовниот притвор на поранешниот директор за водоснабдување во Перник, Иван Витанов и на поранешната заменик-градоначалничка Севделина Ковачева.
Витанов и Ковачева се обвинети за намерно лошо работење на браната „Студена“, со што е предизвикан значителен недостиг од вода за пиење за над 97.000 луѓе, објави „Капитал“.
Жителите на Перник, во текот на изминатиот викенд, организираа протести пред Владата на Бугарија и бараа итно решавање на проблемот со недостигот од вода за домаќинствата. Градоначалникот на Перник Станислав Владимиров, во понеделникот, објави дека вонредната состојба во градот продолжува.