Меѓународниот универзитетски одбор за доверба на универзитетот ФОН, составен од еминентни добитници на нобелови награди, сегашни и поранешни министри за образование и политичари беше промовиран денес во просториите на универзитетот.
На денешната промоција учествуваа нобеловецот професор д-р Роберт Мундел, проф. д-р Едвард Нел, професор емеритус на Њу Скул од Њујорк и професор емеритус на Фондацијата Џон Брадемас, Вили Семлер проф. д-р за меѓународна соработка и развој, Њу Скул од Њујорк, проф. д-р Карим Еруаки, Амбасадор на ОЛА-ДСЦЦ во Африканската унија и професор емеритус на универзитетот ФОН, проф. д-р Нано Ружин, д-р Хенри Абдо, основач и претседавач на „Титаниум Капитал“, како и претседател на Фондацијата Џон Брадемас, и министерот за високо образование, научни истражувања и иновации од Буркина Фасо, д-р по социологија Маига Алкосум.
– Во последните 17 години, нашата работа го направи овој универзитет познат во земјава, но исто така и во регионот. По неполни две децении работа, мислиме дека сега е право време да направиме нешто за нацијата. Ние сме мала земја и сме среќни што се опкруживме со талентирани партнери – кажа на свеченото обраќање претседателот на управниот одбор на универзитето ФОН, магистер Сефер Цановски.
Професорот Нано Ружин изјави дека оваа иницијатива претставува стратешки потег и дека на овој начин се отвара меѓународниот пазар за студентите. Професорот Абдо кажа дека планира да направи глобални кампуси на ФОН универзитетите во Латинска Америка, Африка, Средниот Исток и во Шпанија. На овој начин ќе може да се овозможи меѓународна размена на студенти. Исто така, преку оваа иницијатива наскоро ќе се овозможи доделување на целосни стипендии за најдобрите поети и писатели.
– Кога дојдов во земјава пред неколку години првото прашање на кое наидов беше: дали може да ми најдеш работа надвор од земјава? Тоа ми се случи на пасошката контрола, подоцна луѓето кои работат на аеродромот и луѓето кои ме пречекаа да се пријавам во хотелот ми го поставија истото прашање. Дали може да ни најдеш работа надвор? Прашав дали нешто не е во ред? Подоцна, за жал сфатив дека тогашната влада ја продаваше својата работна сила како најефтина во Европа, без даноци. Која е поентата за инвестирање во земјава за создавање на фабрика и плаќање најминимална плата, без данок. Затоа разбрав што е проблемот и зошто младите луѓе сакаат да си заминат од државата – изјави д-р Хенри Абдо.
Овој настан е организиран по повод Меѓународниот ден на образованието кој се одбележува утре. Х.Ј.