Крадците на единствената двојна слика на Густав Климт во светот признаа дека речиси 20 години ја чувале сликата и потоа ја вратиле во галеријата од која ја украле. Откако пред еден месец Климтовата слика „Портрет на дама“ е пронајдена во истата галерија во Пјаченца од која е украдена, полека се открива што се случило. Сликата ја пронашле градинарите додека го потескувале бршленот на надворешниот ѕид на галеријата.
Полицијата ги фати и испраша двајцата мажи за кои се верува дека се членови на банда одговорна за десетина кражби во градот и околината. Тие признале дека се одговорни за кражбата на Климт од 1997 година. Делото е вредно 60 милиони евра, а тие го вратиле во галеријата уште пред четири години, како „подарок за градот“. Полицијата ја има адресата од куќата во која било чувано делото цели 20 години.
„Портрет на дама“ на австрискиот сликар Густав Климт е единствена и ретка слика, бидејќи е единствената „двојна слика“ од овој уметник. Тоа го сфатила една студентка што работела во галеријата, кога забележала дека „Портрет на дама“ е насликан врз „Портрет на млада жена“, слика што не е видена од 1912 година. Галеријата по повод ова откритие подготвувала голема изложба, а токму тогаш делото било украдено. Полицијата верува дека крадците користеле рибарска јадица, со која низ прозорецот на покривот на галеријата ја извлекле сликата.