Гевгелија

Почна уредувањето на тротоарите на улицата Миле Пецанов во Гевгелија, со што ќе биде извршена целосна реконструкција на оваа значајна сообраќајница што води до градскиот пазар.

Изведбените работи почнаа со инсталирање систем „капка по капка“, бидејќи, според проектот, на тротоарот ќе биде засаден и дрворед. Веднаш потоа ќе следува и поставување бекатон-плочки од двете страни на улицата. Станува збор за околу 1.000 квадратни метри, кои ќе бидат поплочени со бекатон, со што оваа улица ќе добие уредени и широки тротоари.

– Почнавме од уредувањето на тротоарите на оваа улица, бидејќи по отворањето на новиот градски пазар оваа е една од најпрометните улици, особено во пазарните денови. Затоа и сметавме дека треба да се создадат услови за непречено движење на минувачите и одвивање на сообраќајот. Со акцијата за уредување на тротоарите ќе продолжиме и на другите прометни сообраќајници, така што во план е и реконструкција на тротоарите на булеварот Гевгелија, од влезот кај надвозникот, па до кружниот тек – вели градоначалникот на општината Гевгелија, Сашо Поцков.