Две недели по објавувањето на случајот за исчезнувањето на водата во браната „Студена“, што предизвика криза во редовното снабдување со вода на граѓаните од бугарскиот град Перник, сѐ уште не се знаат причините за пресушувањето на вештачкото езеро во периодот кога се очекуваат и поголеми приливи на вода. Сликите од напукната земја сведочат за еколошка катастрофа, која се заканува да предизвика и хуманитарна криза. Локалното население е изложено и на опасност од епидемии и зарази. Поради нередовното снабдување со вода во декември минатата година, жителите на Перник се соочија со празни чешми во своите домови, што предизвика бран од незадоволство и протести. Граѓаните бараа одговорност за водната криза и ја обвинуваа власта поради нејзината неорганизираност, додека надлежните институции во Бугарија се вадеа со сушата и климатските промени! Епилогот од водниот скандал во Перник беше оставка и апсење на Нено Димов, министер за животна средина и вода во бугарската влада. До ескалацијата на кризата во водоснабдувањето, министерот ја отфрлаше вината за исчезнувањето на водата во браната „Студена“.
Во видеоприлогот на новинарката Валија Ахчиева, која е објавен на страницата на Еуроактив.бг, се прикажани и сателитски снимки за тоа како се движело количеството на вода во езерото во последните две години. Проектот „Коперник“, чии слики беа користени за да го состават истражниот извештај на „Еуроактив Бугарија“, е програма за набљудување и мониторинг на Земјата на ЕУ, чија цел е да обезбеди информации за животната средина и безбедноста. „Коперник“ е најголемата платформа во светот што овозможува набљудување и информации за Земјата бесплатно.
Сателитските снимки, како и податоците од дневникот на браната „Студена“, докажуваат дека состојбата со водата веќе била критична во август 2019 година. Во февруари минатата година се забележуваат видливи знаци на недостиг од вода, кога количеството на водна маса било за половина помалку од 2018 година. Веќе во октомври 2019 сушното корито на езерото е поголемо од водената површина, а на 15 декември јасно се гледаат и пукнатините од засушеното езерско тло.
Министерот, чија законска обврска е да управува со водните ресурси на Бугарија, не реагираше и оваа неактивност доведе до хуманитарна криза во Перник. Скандалот избувна минатиот месец, кога веќе беше предоцна, се наведува во текстот објавен на „Еуроактив Бугарија“.
И покрај сигналите што доаѓаа преку извештаите на компанијата за водоснабдување и канализација на Перник, кои хронолошки го следеа нивото на водата со „Студена“, министерот Димов потпишал документ во кој се вели дека „сите брани за снабдување со вода за пиење на крајот на септември се доволно полни за да се обезбедат потребите на корисниците на вода“.
Сепак, нивото на водата продолжи да паѓа и во ноември, кога се намали снабдувањето со вода за домаќинство за половина милион кубни метри. На 19 ноември лани, министерот донесува одлука за тоа дека водата од браната ќе се користи само за снабдување на населението.
Нено Димов сè уште е во притвор и е под истрага. Тој останува единствената личност против која се поднесени обвиненија за случајот во Перник. Владата на Бојко Борисов предложи нов министер, Емил Димитров, кој моментно е пратеник од Обединети патриоти.