Во изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на слики, скулптури, графики од Илија Аџиевски, која ја органираат МАНУ и Асоцијацијата за култура ИКОН.
Илија Аџиевски (Струга, 1926) е истакнат скулптор и цртач од првата повоена генерација македонски современи ликовни уметници. Основно училиште завршил во Дебар, а средно уметничко училиште во Скопје. Студирал во Белград и во Загреб, каде што дипломирал во 1955 година.
Од крајот на 1950-тите години живее и работи во Скопје и активно учествува во градењето и подемот на современата ликовна сцена во Македонија. Во првата фаза работел споменична пластика, а потоа е портретист и мајстор на галерискиот формат и израз. Работи во сите материјали – дрво, камен, метал.
Создал над 200 дела, меѓу кои се голем број студии (за внатрешниот релјеф на монументалниот споменик Македониум во Крушево, за споменик на поп Богомил, капитална студија за споменично обележување на Битката на Беласица од 1014 година).
Меѓу најзначајните изведени дела му се: монументална биста на Гоце Делчев во Делчево; споменик на Димитар Поп Георгиев-Беровски во Берово; Мавзолејот на паднатите борци во Кратово; споменици на паднатите борци во Дебар и Неготино; Фонтана на Моровишкиот мост во Струга; споменици на востанието против фашистичкиот окупатор и ослободувањето во Втората светска војна во Кичево, Струмица и Богданци; релјеф во Народната банка во Скопје; релјеф во текстилното училиште во Штип… Аџиевски има изработено и повеќе споменици во странство.