Економските експерти предупредуваат дека глобалната економија забавува и дека развиените земји не можат да го запрат падот на производството и на продуктивноста на трудот. Посочуваат и дека доколку се избегне рецесија, сепак, ќе следува еден период на пасивност на инвестициите и на ниска побарувачка
Темпото на глобалниот раст во текот на изминатата година забави, поради што кај економските експерти се создаде сомнеж за можностите за раст на економијата оваа година. Експертите наедно истакнуваат дека се загрижени и поради можноста за ескалацијата на трговските војни и сигналите за можна рецесија во САД и во Европа.
Стравувањата од нова рецесија или, пак, од нова економска криза се честа тема во медиумите, така што веќе се изнесени и голем број предлози и сугестии за надминување на евентуалната криза.
Во текот на изминатата година ни се случија повеќе значајни економски пресврти, кои ја подгреваа несигурноста и ги демотивираа бизнисмените да инвестираат, поради што и темпото на раст на економијата опадна.
Експертите укажуваат и на поголемите трговски бариери што се појавија изминатата година, а чие продолжено дејство може да се очекува и во текот на оваа година. Еден од клучните настани во изминатата година е ескалацијата на трговската војна помеѓу САД и Кина. По серија разговори, Вашингтон наместо да го сузбие, придонесе да се зголеми проблемот, па покрај нови санкции, американските технолошки компании почнаа и да ја прекинуваат соработката со компанијата „Хуавеи“. Бидејќи двете страни, во август, не се договорија за условите на трговскиот договор, тие, во септември, воведоа нови меѓусебни ограничувања. Сепак, Пекинг се согласи да купи американски земјоделски производи во замена за укинување на одредени санкции за „Хуавеи“, по што двете страни ги продолжија преговорите.
– Вашингтон се обидува да го ограничи влијанието на Пекинг низ целиот свет и да го извлече максимумот од процесот на преговори. Кина покажува пофлексибилна преговарачка позиција и почесто прави отстапки. САД ја присилуваат Кина да купи повеќе американска храна – изјави Алексеј Маслов, експерт од Московскиот колеџ за економија.
На истекот на минатата година, Трамп објави дека е можен договор „во следните неколку недели“, но експертите прогнозираа дека долгоочекуваниот договор меѓу САД и Кина ќе биде кревок.
– Примирјето не може да се нарече цврсто, бидејќи Трамп веќе зборуваше за потребата да се продолжи со притисокот врз Кина. Верувам дека трговската војна ќе продолжи, пред сè, во областа на високата технологија. Не е исклучено САД да ги повлечат своите декларации за договор бидејќи гледаме дека ова е една од главните тактики на Трамп – истакна Маслов.
Според експертите, Кина веќе се подготвува да одговори на ограничувањата на Вашингтон и полека ги турка САД од најперспективните пазари. Ова се однесува првенствено на пазарите во Африка и во Латинска Америка.
Познавачите на глобалниот финансиски пазар посочуваат на уше еден сегмент, а тоа е наглото забавување на американската економија.
– Рецесијата во САД е многу веројатна. Во четвртиот квартал на 2019 година, растот на БДП на земјата е помеѓу 0,2 и 0,3 проценти, па дури може да стане и негативен. Јасен сигнал за економска рецесија е кривата на приходот, која предвидува прогноза за рецесија, со веројатност во седум од осум случаи – рече главниот економист во Саксо банк, Стин Јакобсен.
Повеќе од половина од директорите на водечките американски компании го предвидуваат почетокот на рецесијата во американската економија во втората половина на 2020 година. Инвеститорите забележаа загрижувачки сигнал во банкарскиот сектор. Во септември американските банки немаа доволно слободни ресурси за да ги исполнат своите обврски. Решението дојде од централната банка, која започна да печати долари. Претходно, ова регулаторно тело на САД употреби слична мерка во 2008 година, кога настана последната глобална економска криза.
Намаленото темпо на растот на светската економија најмногу се почувствува во европските земји. Растот на БДП се намали на 1,2 процент, со деловна активност на најниско ниво во регионот во последните седум години. Според експертите, сериозниот притисок врз европските производители предизвикал падот на светскиот пазар на автомобили, како и неизвесноста во врска со излагањето на Велика Британија од Европската Унија. Во 2019 година, економиите на Италија и на Германија беа во рецесија во одреден момент. На пример, БДП на Италија се намали во текот на првата половина од годината, а германскиот БДП од април до јуни.
– Пред неколку години, Италија веќе помина низ навистина тешка економска состојба. Земјата беше практично на работ на банкрот, но тоа не беше фатално за Европа како целина. Зависноста на европските земји од Италија не е толку голема, но економските проблеми на Германија можат да доведат до криза низ целата унија. Ова се должи на фактот дека Германија е очигледно вистински економски центар на ЕУ – објасни Јегор Клопенко, основач на клубот на претприемачки капитал „ИТ лидери“.
Во средината на 2019 година, вниманието се сврте кон острите критики од САД испратени до Пекинг и до Европски трговски партнери. Доналд Трамп започна редовно да ги обвинува Кина и ЕУ за манипулирање со девизниот курс.
Од јануари до октомври 2019 година, јуанот и еврото ослабнаа во однос на доларот за четири и пет проценти, соодветно. Според експертите, овој тренд води до повисоки цени на американските производи на пазарите во ЕУ и во Кина, додека кинеските и европските производи, стануваат поевтини во САД. Така, производителите од Европа и Кина започнаа да добиваат трговска предност во однос на САД. Поради ова, Трамп почна да ја промовира идејата за девалвација на доларот, а Централната банка на САД започнаа со намалување на каматните стапки во август, првпат по десет години. Потоа каматните стапки почнаа да ги намалуваат и централните банки на Европа, Кина, Индија, Бразил, Русија и други земји.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за раст на глобалниот БДП од 3,7 проценти на 3 проценти во 2019 година и од 3,7 отсто на 3,4 во 2020 година. Сепак, експертите имаат попесимистички процени. Тие предупредуваат дека глобалната економија забавува, а дека развиените земји не можат да го запрат падот на производството и на продуктивноста на трудот. Посочуваат и дека доколку се избегне рецесија, сепак ќе следува еден период на пасивност на инвестициите и на ниска побарувачка на потрошувачите.
Контрола над нафтата
Годината што измина, според експертите, е една од поуспешните за нафтената индустрија. Според аналитичарот на „Финам“, Алексеј Калачов, цената на суровата нафта „брент“, со сите ненадејни флуктуации во 2019 година, се движеше од 55 до 70 долари за барел. Таквото ниво на цени е соодветно и за производителите и за потрошувачите, посочува експертот. Според Калачов, одлучувачки фактор во цената на нафтата е исполнувањето на договорот за ОПЕК. Почнувајќи од јануари, земјите извозници на енергија го намалија производството на нафтени деривати на 1,2 милион барели на ден. Во декември, државите се согласија да го намалат производството на нафта за 500.000 барели на ден. Акцијата на учесниците во договорот овозможи да се балансираат понудата и побарувачката на пазарот на енергија, како и да се намалат цените и да се спречат ненадејни скокови.
– Преку заеднички напори, земјите-членки на ОПЕК успеаја да одолеат на негативните фактори како што се забавување на светската економија или производство на нафта од шкрилци во САД – додаде Калачов.
Санкциите на САД врз најголемите производители на нафта, Иран и Венецуела, исто така имаат значително влијание врз цените на енергијата. Санкциите во САД предизвикаа пад на снабдувањето со суровини, при што цените накратко пораснаа над 70 долари за барел минатата пролет.