Иако од почетокот на сезоната се регистрирани над 800 пациенти со ваков вид грип, во болниците низ Македонија, според извештаите од Институтот за јавно здравје, до вчера немаше пациенти со сериозни компликации. Сепак, епидемиолозите очекуваат кулминацијата на грипот да биде кон крајот на овој месец, кога ќе заврши и училишниот распуст
Дали на Македонија ѝ се заканува ширење на опасен вирус на грип, кој веќе зема замав низ Европа, а во некои држави се регистрирани дури и смртни случаи? Прашањето се наметна по минатонеделната официјална потврда дека е регистриран грип од типот АХ3Н2 во земјава што ги засили епидемиолошките контроли, но сѐ уште не се знае дали овој вид ќе биде агресивен како и минатата сезона, кога беше причина за големиот број смртни случаи.
Иако од почетокот на сезоната се регистрирани над 800 пациенти со ваков вид грип, во болниците низ Македонија, според извештаите од Институтот за јавно здравје, до вчера немаше пациенти со сериозни компликации. Сепак, епидемиолозите очекуваат кулминацијата на грипот да биде кон крајот на овој месец, кога ќе заврши и училишниот распуст.
Епидемиологот Владимир Миќиќ од Институтот за јавно здравје предупредува граѓаните да внимаваат и да избегнуваат подолг престој во затворени простории, како и блиски контакти со лица што се болни.
– Бројот на заболени засега не го надминува просекот што сме го имале и минатите години. Состојбата сега е стабилна, но оние што се во ризични групи и доколку имаат симптоми на грип, да побараат лекарска помош и секако седум дена следење на болеста – вели Миќиќ.
Според епидемиолозите, најдобра превенција од грипот е вакцинацијата. Досега од грип се заштитиле над 40 илјади лица, од кои 28 илјади добиле бесплатни вакцини од министерството, зашто припаѓале во ризичните групи. Во скопскиот центар за јавно здравје сѐ уште има комерцијални вакцини, а надлежните бараат дополнителни дози за здравствените работници.
– Сѐ уште не е доцна да се вакцинираат оние што се во ризични групи, но и сите граѓани – посочува епидемиологот Миќиќ.
Жолтицата, засега, е под контрола
Од септември минатата година досега има 76 регистрирани случаи на жолтица.
Болеста е регистрирана речиси во сите општини во главниот град. Најново е што во општината Петровец има еден нов случај. Во Гази Баба има три нови епидемиолошки поврзани случаи. Во населбата Даме Груев е прогласена епидемија од жолтица и засега нема нови заразени лица.
Сепак, докторите посочуваат дека изворот на зараза не се училиштата, но препораките се да има засилен надзор во овој период и да се дезинфицираат просториите.
Од Клиниката за инфективни болести велат дека немаат заболени со сериозни компликации, но возрасните потешко ја прележуваат заразата од децата.
Докторите, пак, апелираат децата задолжително да ги мијат рацете, зашто тоа е начинот на кој болеста се спречува, односно не се пренесува.
– Не може да се очекува дека секој ден ќе има нов регистриран случај на жолтица, зашто самата болест е со долга инкубација до 30 дена. Затоа немаме индикации да прогласиме епидемија во другите општини. Во овој период во прилог оди и тоа што училишните деца се на распуст, па нема опасност од ширење на заразата – велат надлежните од Центарот за јавно здравје-Скопје.
Оттаму посочуваат и дека во овој период состојбата е под засилен епидемиолошки надзор и нема простор за паника на граѓаните.