Сѐ помалку претприемачи остваруваат континуиран раст

Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија

И компаниите и институциите немаат капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони што се менуваат. Дополнително, честопати одредени закони се во судир со другата регулатива, што значи дека истите тие се носат без соодветна претходна анализа, истакнува Арсовска

Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија во континуитет апелираат институциите да ја интензивираат борбата против сивата економија што, според нив, е еден од главните услови за подобрување на деловното опкружување и за економски раст. Борбата со сивата економија, честите законски измени, придобивките од членството во НАТО се некои од темите на кои разговаравме со претседателката на сојузот, Данела Арсовска, која, меѓу другото, истакна дека токму поради овие проблеми, сѐ помалку компании успеваат да остварат континуиран раст.

Што преземате во насока на сузбивање на сивата економија?
– Почнавме акциски план за да ја подигнеме свеста за важноста од сузбивање на нелојалната конкуренција од сивата економија, која е присутна во сите сектори. Организиравме Интернационален форум, на кој учествуваа инспекциските служби, меѓународни експерти, претставници од Владата. Заклучоците се дека без стратегија, здружена акција и конкретни чекори од страна на институциите како носители на механизмите за справување со сивата економија, не може да се постигне значителен успех. Потпишавме договори за соработка со инспекциските служби со што ќе имаме можност да учествуваме во сузбивањето на работата во сивата зона. Наш приоритет ќе биде имплементација на препораките за справување со нерегистрираните бизниси, кои се над 37 отсто од вкупната економија. Препорачуваме институциите да пристапат кон доследна имплементација на Законот за забрана и спречување за вршење нерегистрирана дејност. Редно време е оние што чесно и вредно работат да видат корист од трудот што го вложуваат во своите компании и да бидат наградени за улогата во стопанството и општеството, со тоа што ќе им биде овозможено да се натпреваруваат на пазарот во фер услови, а не да се борат со нелегални и нерегистрирани конкуренти. Во соработка со институциите се залагаме за едукативна наместо за репресивна функција на инспекциските служби кон компаниите.

Како да се поттикнат компаниите да ги почитуваат законите?
– Тие што ги избегнуваат законските обврски, најчесто воопшто не се регистрирани. Тоа ги става во екстремно привилегирана положба бидејќи не се на удар на инспекциските служби што вршат надзор кај регистрираните компании. Нерегистрираните субјекти не исполнуваат законски обврски, не се оптоварени со административни процедури и не плаќаат даноци. За нив нема индустриска тарифа што е повисока од редовната, нема придонеси, социјално и здравствено осигурување ниту регрес, бидејќи лицата што работат таму не се пријавени. Затоа, целта на сите чинители треба да биде формализирање на неформалната економија и во согласност со прецизно утврден систем и правила сите субјекти да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот.

Како се одразува честото менување на законите или, пак, нивното носење и повлекување врз компаниите?
Брзото и често менување на законите, без консултација со засегнатите страни, резултира со неприменлива легислатива. Нема оправданост за носење закони без консултација со стопанството, со оние што треба да ги применуваат. Тоа води кон импровизирање и неприменливи законски решенија, што подоцна бара нови измени. И компаниите и институциите немаат капацитет да ги следат и применат доследно големиот број закони што се менуваат. Дополнително, честопати одредени закони се во судир со другата регулатива, што значи дека истите тие се носат без соодветна анализа, а постојат и непрецизирани закони што отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите меѓу институциите. Честите промени на легислативата се пречка за раст на стопанството, предизвикуваат несигурност кај компаниите, создаваат незадоволство и директно влијаат на зголемување на сивата економија.

Незадоволството кај компаниите и граѓаните, кои не можат да ги следат многубројните измени на прописите, резултира со наоѓање начини за изигрување на системот. Во овој контекст, суштинско е да се зборува и за преголемата регулираност на приватниот сектор во Македонија. Речиси е невозможно компаниите да ги следат многубројните законските измени и поради тоа, наместо да се насочат кон иновативност, креирање конкурентни продукти, склучување партнерства, тие се фокусирани на следење прописи за да не се соочат со грешки и казни. Дополнителен товар за компаниите се и парафискалните или скриените давачки, како што се таксите, надоместоците за дозволи, лиценци… кои ги воведуваат централната власт, општините, регулаторните тела, и за кои е неопходна реформа за намалување или укинување. Алармот треба да се вклучи бидејќи бројот на претприемачи што остваруваат континуиран раст покажува евидентно намалување.

Дали одложувањето на преговорите за членство во Европската Унија се одразува и врз мотивот и плановите за развој на компаниите?
– За подобрување на деловниот амбиент се неопходни реформи во јавната администрација, владеење на правото и контрола врз корупцијата. Економијата има потреба од конкретни чекори во реализација на капиталните инвестиции, инвестирање во технолошки развој, решенија за недостигот од квалификуван кадар, инвестирање во ограничените капацитети за поголем пласман на производите на странските пазари. Сето тоа во комбинација со константните политички превирања и неизвесност, ќе значи резервираност за почнување поголеми приватни инвестициски проекти.

Почеток на преговорите со Европската Унија, во голема мера ќе значеше поголема сигурност за започнување на имплементацијата на структурните економски реформи за обезбедување владеење на правото и за справување со корупцијата, кои се најголеми национални предизвици, а се неопходни не само за заштита на инвестициите и мотив за нови проекти, туку и за верба во системот на правната држава. Тоа е предуслов и за Европската Унија, но и за подобар живот во Македонија и треба да се реализира без разлика дали и кога ќе почнеме со преговори.

Сојузот на стопански комори ги зацврсти интернационалните позиции, кои се најголемите придобивки?
– Да се биде успешен на национално ниво е голем предизвик, но отворените врати кон светот, почитувани и препознаени интернационално е признание што го стекнавме со квалитет и тимска работа. Сојузот ги следи достигнувањата во деловниот светот и се позиционираше како современа, иновативна, динамична македонска деловна мрежа. Еден од најголемите успеси е моето стапување на една од највисоките позиции во раководството на Светската федерација на комори (World Chambers Federation – WCF), која ги застапува стопанските комори од целиот свет.

Сите овие резултати ни даваат кредибилитет на глобално ниво, и се доказ дека од мала земја како Македонија може да се продуцира квалитет. Тоа дава сигнал кон светот дека со Македонија може да се соработува и ги отвора вратите за извоз базирано врз принцип на слободна трговија и фер конкуренција.


Придобивките од членството во НАТО ќе изостанат ако нема одговорност

Се смета дека НАТО дава поттик за национален економски развој и зголемени директни странски инвестиции, како резултат на зголемената гаранција на државната безбедност и очекуваната економска стабилност, појаснува Данела Арсовска. Таа прецизира дека приватниот сектор го смета членството во НАТО како можност за долгорочен економски развој, и на него се гледа како на можност македонските компании да учествуваат на тендерите на НАТО со потенцијал да бидат вклучени во синџирот на снабдување за неговите потреби, како што се храна, текстил, обувки, метални производи, но и ИТ-услуги и логистичка поддршка.

– За идните инвестициски планови, клучно е да се постигнат сигурност, стабилност и предвидливост на системот во Македонија, функционална администрација што нема да биде корумпирана, намалување на административните бариери. Без функционален систем тешко дека ќе се преземаат поголеми инвестициски проекти – додава Арсовска.