Видео и четири разговори биле презентирани пред премиерот Зоран Заев пред да го пријави случајот за „Рекет“. Ова го кажа тој одговарајќи на новинарски прашања, по состанокот на партиското раководство.
– Ако се случеше ‘Рекет’ пред 3 години, ќе беше заштитена телевизијата која е целосно про владина, веројатно врхушката на власта ќе ги собереше парите, а Камчев ќе требаше да молчи или ќе види, зашто тоа беше така во тоа време. За разлика од тогаш, сега премиерот го пријавува случајот според материјалите кои ми беа презентирани. Ми беше презентирано видеото и четири разговори. Тие беа основ да се пријави случајот – рече Заев.
Прашан зошто ја штител обвинителката Катица Јанева, премиерот одговори дека не прикрил никого, а на 22 април го пријавил она што го видел.
– Го пријавив тоа што го видов, а тоа е она што беше објавено од Орце Камчев, односно предадено на Јавното обвинителство од Орце Камчев. Таму не ја гледате Катица Јанева, ја гледате комуникацијата помеѓу Боки 13, Орце Камчев. На крајот истрагата ги отвори моментите, па дојдовме до денешната состојба за тоа кој каде бил и каде постојат индиции да биде одговорен – рече Заев.