Дали ваквата поставеност на Алијансата во однос на Кина, односно загриженоста за присуството на нејзината телекомуникациска технологија, а особено 5Г-мрежата, на некој начин ја допира и Македонија, како идна полноправна членка на НАТО
Наши специјални известувачки од Лондон
Јасминка Павловска
и Маја Јаневска-Илиева
Најважната работа што требаше да ја докаже НАТО на самитот во Лондон (и со одбележувањето на 70-годишнината од своето постоење) беше манифестацијата на единство. И тоа во своето завршно обраќање на самитот, уште со првата реченица, го нагласи генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Сосема конкретно и јасно Столтенберг истакна дека НАТО останува посветено на членот 5 од својот статут, или на принципот „сите за еден, еден за сите“. Односно, ако една членка од Алијансата е нападната или ѝ се заканува опасност, тоа значи дека се активираат солидарноста и единствен одговор на нападот од сите други сојузници (засега сѐ уште 29, а се очекува од јануари и Македонија да биде полноправна членка на НАТО). Интересно е што за 70-годишното постоење на НАТО, овој член е активиран единствено во 2001 година, кога беа нападнати кулите близначки во Њујорк. Во Лондон, единството официјално беше манифестирано, но непосредно пред самитот лидерите на земјите-членки си упатуваа јавни пораки преку изјави за медиумите за „мозочна смрт на НАТО“ (Макрон – Франција), или дека „Макрон е невоспитан“ (Трамп – САД). Имаше дури и пожестока изјава за менталната (мозочната) состојба на францускиот претседател упатена од страна на неговиот турски колега, Реџеп Таип Ердоган. По ваквите остри и спротивставени тонови меѓу лидерите од НАТО за суштествени теми, по малку е зачудувачка тезата за единството внатре во Сојузот.
Но, и покрај официјалната посветеност на членот 5, во текот на самитот, а особено на крајот (кога американскиот претседател Трамп замина веднаш по сесијата, без да одржи ниту една од предвидените прес-конференции) и понатаму лебди чувството дека единството е само привид. Меѓу другото, англиските медиуми тоа го заклучија и по изразите на лицата на лидерите на „семејната фотографија“ пред Даунинг стрит 10, на вечерата кај англискиот премиер Борис Џонсон, на првиот ден од самитот.
Како најголема промена во однос на работниот дел од самитот на НАТО во Лондон е фактот што Кина, поради својот технолошки развој, пред сѐ на 5Г-мрежата, е разгледувана како безбедносен ризик, кој Алијансата сака да го има под своја контрола, барем кај своите членки. Тоа го нагласи и генералниот секретар Столтенберг, кој се согласи со фактот дека светот се менува, се модернизира, државите комуницираат и секоја земја има право технолошки да се развива, но треба да се почитува и етичкиот аспект на користењето на таа технологија и тоа да не биде безбедносна закана.
И од македонската делегација во Лондон, на брифингот со новинарите што го следеа самитот, беше кажано дека тоа е една од темите на која ќе се разговара на самитот.
– Поедноставено, загриженоста на Алијансата за заканата од кинеската технологија, пред сѐ на 5Г-мрежата, значи присуството на брендот „Хуавеи“ во телекомуникациските мрежи на нивните членки – појаснија од македонската делегација.
Тоа го поставува прашањето дали ваквата поставеност на Алијансата во однос на Кина, односно присуството на нејзината телекомуникациска технологија, на некој начин ја допира и Македонија, како идна полноправна членка на НАТО.
– Сопственик на македонската телекомуникациска мрежа е компанијата „Дојче телеком“, која, пак, соработува со кинески „Хуавеи“ во развојот на својата 5Г-мрежа. Ние како држава имаме удел во сопственоста на телекомот, кој не е мнозински, но наедно сме и регулатор на телекомуникациските односи, така што имаме можност да влијаеме во тој дел, доколку биде констатирано некакво загрозување на безбедносните регулативи, кои ќе бидеме обврзани да ги почитуваме како членка на НАТО. Сепак, прашањето за односите на Алијансата со Кина, пред сѐ поради сомнежите за безбедносни закани од нејзината технологија, на самитот во Лондон се разгледуваше превентивно и сѐ уште не се одредени некакви насоки за ограничување на соработката со кинеските компании – велат високи претставници од македонската влада.
Навистина, и Столтенберг во својата завршна изјава на самитот нагласи дека НАТО е алијанса што треба да обезбеди мир, како и да дејствува превентивно во однос на одредени очекувани закани, но не е сојуз што ќе провоцира судири. Другите теми за кои се разговараше на самитот на НАТО во Лондон, колку и да се актуелен предизвик на Алијансата, сепак влечат корени речиси од нејзиното основање во 1949 година. Русија, како наследничка на некогашниот СССР (поради кој е и основан НАТО), и понатаму се смета за главна закана за членките на Алијансата, но сега со опасноста од сајбер и хибридни напади. Блискиот Исток и понатаму со внимание (па и со спротивставени ставови на членките) се следи од страна на НАТО, а зголемувањето на инвестициите во одбраната на секоја земја-членка барем до 2 отсто од БДП, американскиот претседател Доналд Трамп го „награди“ така што лидерите на земјите што ја постигнале таквата цел ги честеше ручек во Лондон…
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека европските сојузници и Канада од 2016 година ја зголемиле својата воена потрошувачка за 130 милијарди долари
– Сѐ додека сме во состојба да ја испорачаме суштината, тогаш НАТО повторно докажува дека сме способни да одговориме на променливото безбедносно опкружување, а тоа е најдобриот начин да се обезбеди единство во Сојузот – кажа Столтенберг на крајот од самитот.
Проблеми со интернет-мрежата
Самитот на НАТО во Лондон го следеа околу 2.000 известувачи од сите земји-членки на Алијансата, но и од земји што не се во Сојузот, па дури и се посочени како главна безбедносна закана за Сојузот, како од Русија. Во медиумскиот центар главно беа обезбедени коректни услови за работа на новинарите, но некомпатибилноста на британскиот електричен напонски систем со европскиот знаеше да создаде одредени проблеми со вклучувањето на електронските уреди. Во салата каде што се одржуваа прес-конференциите на лидерите дури беше и блокиран сигналот на мобилните мрежи додека траеше соочувањето со новинарите. Освен тоа, голем дел новинари имаа проблеми со вклучување на безжичната интернет-мрежа обезбедена на самитот, што меѓусебно беше објаснето со наводна застареност на електронските уреди. Сепак, од ИТ-делот на организацијата на самитот љубезно се ангажираа за отстранување на проблемите со интернет-мрежата. Во комуникацијата при отстранувањето на проблемот имаше и прашања дали можеби тоа се должи на тоа што некои од уредите се од брендот „Хуавеи“.
– Мислите на она што го говореше генералниот секретар за 5Г-мрежата, ха-ха? Не, не, воопшто не станува збор за тоа. И со уреди од други брендови ги има истите проблеми. Но се трудиме веднаш да ги отстраниме штом ќе добиеме пријава – беше одговорот на љубезниот ИТ-инженер на самитот во Лондон.