Министерството за финансии одвои половина милион евра за награди за скенирање сметки во рамки на акцијата „МојДДВ“. Предвидени се 10 награди на дневно, 15 награди на месечно ниво и две главни награди. На дневно ниво се предвидени награди од 1.000, 2.000 и 3.000 денари.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, за изработка на маркетинг стратегијата за наградната игра „МојДДВ,#МојаНаграда“ соопшти дека место тендер во соработка со Фондот за иновации ќе организира натпревар-ФИНХАКАТОН2. За маркетинг агенцијата која ќе понуди најдобро решение одвоени се два милиони денари или околу 33 илјади евра.
-Сакаме да ги стимулираме граѓаните и понатаму да скенираат сметки. Во оваа наградна игра ќе бидат земени предвид и сметките со 0 отсто ДДВ. Маркетинг стратегијата ќе ја осмислат маркетинг агенциите преку хакатон кој ќе трае три дена, најуспешните предлози ќе ги оцени петчлена комисија, а посебно нѐ радува што во маркетинг тимовите треба да бидат вклучени и студенти – рече Ангеловска.
Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, нагласи дека ова е втора соработка со Министерството за финансии по двете апликации за подготовка и реализирање на буџетот.
Тој објасни зошто избирање на маркетинг стратегија преку хакатон е подобро отколку преку распишување тендер.
-На тендерите се јавуваат веќе етаблирани компании, ние сме пофлексибилни, сакаме да вклучиме и други, покрај етаблираните. Обврска на компаниите во тимот е да имаат студенти, начин на кој што младите ќе добијат право на глас. За маркетинг агенцијата која ќе понуди најдобро решение, одвоени се два милиони денари од буџетот – рече Деспотовски.
Тој ги повика и останатите институции на овој начин да ги реализираат повиците што ги планираат.
Наградната игра е предвидено да почне на 16 декември. Маркетинг агенциите ќе имаат три дена во текот на овој месец за изработка на стратегијата на наградната игра. Маркетинг тимовите може да бидат составени од три до шест луѓе, но задолжително секој тим треба да има двајца студенти.
Наградната игра ќе ја спроведува Државна лотарија на Македонија.
Ангеловска нагласи дека од први до 15 декември ќе биде исплатата за скенираните фискални сметки за јули, август и септември. Со наградната игра очекуваат да се зголеми бројот на граѓани што скенираат сметки, а најави дека ќе понудат и опција граѓаните веднаш да пријават ако не добијат фискална сметка.