Државниот секретар од Министерството за земјоделство, Нефрус Челику, заедно со министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Хисен Џемаили, денеска беа во посета на локацијата во Полошкиот Регион каде што се гради системот за наводнување „Равен – Речица“.
Тие оценија дека реализацијата на овој проект се одвива според предвидената динамика и досега 80 отсто од градежните работи се извршени.
Државниот секретар на МЗШВ, Челику, посочи дека изградбата на системот за наводнување „Равен – Речица“ ќе придонесе за зголемување на наводнуваните земјоделски површини во Полошкиот Регион, преку што ќе се овозможи производство и успешни реколти на култури познати во Полог.
– Со овој систем за наводнување ќе се наводнува земјоделската површина што се протега од десната горна страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина, односно до границите на градежните урбанизирани површини на населените места во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово, почнувајќи од Здуње сè до Мала Речица – изјави Челику.
Изградбата на системот ќе се реализира во две фази и се очекува да трае 5 години. Реализацијата на овој проект се финансира со средства од буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.