Американските разузнавачи и официјални воени лица признаваат дека пронаоѓањето и елиминирањето на клучните членови и оперативци на Исламска држава (ИД), не се доволни за да доведат до конечен пад на терористичката организација, иако ќе послужат за намалување на нејзините капацитети, објавува „Гласот на Америка“.
Коалицијата предводена од САД, кон крајот на 2015 година елиминираше по еден од клучните членови од водството на ИД на секои два дена, во просек, опишувајќи ги акциите како „значителни удари“ за терористичката организација.
Но, ИД продолжи да функционира, и покрај колапсот на Калифатот со потполното губење на територијата во март. А неговото водство се покажа како агилно и приспособливо, насочувајќи ги напорите кон повторен подем.
Смртта на лидерот Абу Бакр ал-Багдади кој го загуби животот во акција на американските специјални сили, не е доволна за запирање на ИД, според поранешниот директор на американското Националното разузнавање Џејмс Клапер.
– Исламска држава е децентрализирана во поголема мера и изнедри повеќе лидери токму за ваква ситуација – изјави Клапер.
Слично размислува и Мајкл Хоровиц, од геополитичката консултантска организација Ле Бек.
– Смртта на џихадистичкиот лидер секогаш е опасен момент за групата бидејќи може да доведе до внатрешни превирања. Но генерално, џихадистичките групи успеваат да ги преживеат таквите удари – вели Хоровиц.
Тој го посочи примерот на Ал каеда.
– Осама бин Ладен беше заменет од неговиот „број два“ Ајман ал-Завахири, кој не е толку харизматичен, но се уште ја предводи моќната глобална терористичка организација – објаснува Хоровиц.
Остануваат отворени прашањата како смртта на Багдади ќе влијае врз моралот на борците и поддржувачите на ИД. Познавачите на состојбите сугерираат дека тој ќе биде прогласен за маченик.
Се проценува дека ИД има помеѓу 10 и 15 илјади борци низ Сирија и Ирак. Се верува и дека располага со околу 300 милиони долари.