Избирам презентирање на вистинската себе, по секоја цена. Таму нема брза заработувачка, нема популарност прекуноќ, нема влијателни другари, но има љубов. Ја кревам вреќата со одговорност на грб и чекорам напред по неасфалтираниот пат, вели Дани
Дани Димитровска на македонската музичка сцена блесна пред дваесетина години, со песната „Ти ми требаш“, која ја исполни на „Макфест“, и досега таа сними уште многу хит-рефрени, кои се слушаат и денес, како што се: „Не живеам за другите“, „Црвени дождови“, „После тебе“, „Црно на бело“, „Срца две“, „Никој како ти“, „Најдобра“, „Кажи ми“, „Што до тогаш“… Настапи на многу фестивали кај нас и во регионот, а беше и првата Македонка со хит на Ем-ти-ви Адриа и долги години е дел од меѓународната кампања против сидата. Освен со својот карактеристичен, силен рокерски глас, таа ја освојува публиката и со својот изглед, шарм и пред сѐ оригиналност и искреност. Неуморно ја бара вистината преку своите песни, а се чини тоа најавтентично го направи со последниот албум „Град за љубов“, чие појавување силно одекна меѓу љубителите на нејзината и воопшто на добрата поп-музика. Во наредниот период во план е негово промовирање со низа концерти и настапи, за почеток низ Македонија.
„Град за љубов“ е албум што се случува еднаш во животот. Имам впечаток дека при неговото создавање се склопиле сите коцкички: инспирацијата, мотивот, добрата екипа и пред сѐ желбата да се пренесе убава порака. Како се чувствувате, дали емоциите и убавите пораки што сакавте да ги пренесете со песните допираат до публиката?
– „Град за љубов“ е сето тоа заедно. Секоја музички реализирана креација за мене е искуство, место од кое пронаоѓам некој нов свет во себе. Па го набљудувам, го доживувам. Не го анализирам, ама го чувствувам. И публиката, колкава и да е, како суштински дел од сите мои светови исто така доживува. Впрочем, секој на свој начин, во своја интерпретација. Различна но со иста суштина. Така знам дека едно е „Нема две“.
Дали Скопје е вашиот град за љубов, за другарство, за ненасилство, мирољубивост, како што вели вашата соработничка и пријателка Весна Малинова, која е горда што вие сте гласноговорничка на нејзините стихови?
– Секој град е тоа. А градот го сочинуваат луѓето. А луѓето се создадени од љубов. А љубов сме јас и ти. А јас и ти сме дел од градот. Забележувате? Тоа е тој прекрасен круг… Време е да престанеме со билдање погрешни вредности и да го освестиме ова што сме го затрупале.
Кога веќе ја споменавме Весна Малинова, тогаш редно е да го споменеме и нејзиниот сопруг, а ваш „брат“ Кирил Бабамов. Ќе ни откриете ли некои заеднички мигови од создавањето на албумот, кои никогаш нема да ги заборавите?
– На Киро му е најтешко, тој држи будност за сѐ. Вниманието му е секогаш кристално позиционирано во вистинската точка и, колку и некогаш несвесно да се опуштаме со Весна во своите комфорни зони, тој е оној што неуморно нѐ потсетува за што постоиме… Тамам ќе нѐ инспирира и во најубавото, точно пред да се осуетиме, ќе ни рече дека нема време за аплаузи и нѐ враќа таму каде што сме застанале. Чудо од човек, човечиште.
Од осумте песни на албумот, има ли некоја во која најмногу се пронаоѓате, која ви е фаворит?
– „Слободна песна“ отсекогаш ме возела во чуден неограничен простор, каде што не постојат метежи, семафори и намќори. А омилена ми е за во автомобил, како за инает. „Нема две“ ми го изместува лицето од смеење. „Свети“ и „Суштина“ се моите единствени рокенрол-песни во кои се себесоопштувам. „Животот ме сака“ и „Сакајќи те“ се чиста љубов и отпеани се во таа состојба. „Да заборавам“ е тој мелем што секогаш ме потсетува на себеси кога заборавам на себе…
По фантастичната промоција, наградата за најдобар албум на „Златна бубамара“ и многуте пофалби, на ред е и средбата со публиката. Како ќе го промовирате „Градот…“?
– Летово ќе биде работно, но партизанскиот начин ми е познат, изоден пат.
За себе велите дека никогаш не се штедите оти не калкулирате и над сѐ ја сакате слободата, што може да се почувствува и во вашите песни. Дали професијата што ја избравте и што ја работите веќе над 20 години ви овозможи да останете доследна на себе и на својот стил на живот?
– Преку музиката се реализирам себеси. Ако не сум искрена со себе, би „фејкала“ некоја друга професија за да задоволам туѓи критериуми. Можеби тоа би бил врвен „успех“, по дефиницијата за успех за повеќето, но би било лага. А на лагата ѝ се кратки нозете. Избирам презентирање на вистинската себе, по секоја цена. Таму нема брза заработувачка, нема популарност прекуноќ, нема влијателни другари, но има љубов. Ја кревам вреќата со одговорност на грб и чекорам напред по неасфалтираниот пат.
Албумот „Град за љубов“ заслужува да се слушне во регионот, па и пошироко. Има ли шанси за тоа? Патем стиховите, кои го носат и духот на слободата, се универзални и допираат до сите, без оглед на националноста?
– Засега сме фокусирани на нашите градови за љубов. Да се гушнеме, разбереме, да си простиме и да се насмееме. Ние да се издигнеме во едно. А музиката ќе си го најде патот без форца.
Што ви пречи во македонската музика последниве години, што недостига во неа?
– Индустријализираната музика, тенденцијата да се создаде хит создава притисок што ѝ штети на музиката. И тоа не се случува само кај нас туку секаде во светот. Тоа ми пречи. Всушност, најмногу од се ми недостига музиката!
Љубовта, според многумина, спиритус мовенс во нашите животи, понекогаш е блиску, а често далеку од нас. Дали сѐ уште ја барате и, доколку ја препознаете, знаете ли да ја задржите во вашиот живот?
– Љубовта е единственото нешто што не се бара, не се трага по него и секако не се држи за себе. Ја содржиме сите во себе, ја даваме, без задршки и непотребни очекувања. Доживуваме искуства привлекувајќи го она што сме, учиме за себе од нив, тоа е љубов. Од себе кон некого, за себе и повторно – круг. Нека тече, нека струи, нека вибрира. Песната „Животот ме сака“ убаво пее за оваа бескрајна тема…
Пејачка, активистка, мајка, партнерка, другарка… Што уште би додале на оваа листа за да биде комплетна сликата за вас?
– Човекољубец….