Влијанието на дипломатите во насочувањето на политичките процеси во една држава, зависи пред сѐ од политичките состојби и односи во конкретната земја, односно од подложноста на домашните политички фактори на т.н. странско влијание. Ако државата има конзистентна политика и воспоставени принципи на владеење, дипломатите не можат да го наметнат своето влијание, тврдат аналитичарите
Иако до најавениот датум (12 април 2020 г.) за одржување предвремени парламентарни избори има речиси шест месеци, сите политички чинители во Македонија, кои претендираат да учествуваат на изборите, веќе активно се мобилизираат во спроведување на кампања, пред законски предвидениот период за кампања. Причината за предвремените избори овој пат е своевидниот дебакл на македонските надежи за евроинтеграција, по категоричното „не“ на Франција за доделување датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Премиерот Заев на лидерска средба кај претседателот Пендаровски даде предлог за предвремени избори, кој консензуално беше прифатен и од опозицијата и од коалициските партнери што учествуваа на средбата. Од тој миг, секој политички потег, па и секоја политичка изјава веќе се восприема како изборна активност, и тоа не само на домашните политичари, туку и на странските дипломати во земјава.
Па, така, и последниот настап на францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние (на која тој ги изнесе француските аргументи за недоделување датум за Македонија), во политичките кругови беше доживеана како своевидно насочување, па и креирање на предизборниот амбиент. Политичките фактори што се препознаа во критичките аргументи на Тимоние за неспроведените (а ветени) реформи, реагираа дека францускиот амбасадор создава амбиент во полза на нивните политички опоненти. Дури еден висок функционер во СДСМ изјави дека на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да ѝ биде потребна предизборна кампања, ако францускиот амбасадор има уште една прес-конференција. Но има ли простор за какви било реакции кога политичките партии и од власта и од опозицијата во изминатиот период максимално се трудеа да ја прикажат наклонетоста на меѓународниот фактор кон нивните политики. Уште се свежи примерите кога на домашните митинзи беа канети и зборуваа редица странски политичари и тоа се претставуваше како некаков престиж.
Од друга страна, влијанието на дипломатите во насочувањето на политичките процеси во една држава, зависи пред сѐ од политичките состојби и односи во конкретната земја, односно од подложноста на домашните политички фактори на т.н. странско влијание.
– Она што е примарно во дипломатскиот кодекс е да не се премине граничната линија на мешање во внатрешните работи на земјата-домаќин. Тоа преминување на линијата, односно мешање во внатрешните работи, е во случај кога некој дипломат ќе биде фатен во одредено противзаконско дејствување во земјата каде што ја претставува својата земја. Секое друго дејствување на дипломатите, во насока на изнесување мислење за одредени состојби и процеси во државата каде што се во дипломатска мисија, никако не претставува мешање во внатрешните работи на таа земја. Но во поларизирани општества како нашето, обично дипломатската критика се претставува како мешање во внатрешните работи, а пофалбите како нормална и очекувана поддршка. Всушност, во зависност од тоа кој ќе се препознае во критиката на дипломатите, обвинува дека тоа е мешање во внатрешните работи, во полза на политичкиот противник. Притоа се создава конфузија кај граѓаните, во однос на дипломатските позиции, па се креира јавна перцепција за добри и лоши дипломати, добри и лоши земји – вели поранешниот македонски амбасадор Огнен Малески.
Малески укажува дека живееме во свет на отворени граници, отворена комуникација меѓу државите и нормално е да има влијание, односно дипломатите да ги искажуваат своите перцепции и пораки во земјите каде што се на служба. Проблемот се јавува кога дипломатските пораки ќе се стават во функција на внатрешна меѓупартиска борба.
– Колкаво ќе биде влијанието на дипломатите во некоја земја зависи од состојбите во таа земја. Сепак сметам дека се преувеличува влијанието на дипломатите во креирањето на политичкиот, па и изборниот амбиент во земјава. Треба реално да ги процениме пораките упатени кон државата. Дипломатите упатуваат пораки спрема државата, а не спрема одредени политички партии. Ако државата има конзистентна политика и воспоставени принципи на владеење, дипломатите не можат да го наметнат своето влијание – констатира Огнен Малески.
Во контекст на улогата на дипломатите во политичките и во изборните процеси во земјата-домаќин, се надоврзува и новата практика на гостување на странски политичари во изборните кампањи на партиите, во смисла на поддршка на политичките истомисленици со кои споделуваат одредени заеднички принципи. Во македонската јавност сѐ уште не е расчистено дали таквата практика ги надминува линиите на мешање во внатрешните работи на земјата или е во рамките на коректна политичка соработка и поддршка. Дополнителна недоумица за македонската јавност претставува и минатогодишната интензивна посетеност на земјава од странски државници (Меј, Меркел, Курц,) дополнета и со видеопорака на Макрон, во знак на поддршка на референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор. Наспроти минатогодишната поддршка, францускиот претседател Макрон сега како да се премислува во пораките.
– Факт е дека странските амбасадори премногу се мешаат во нашите внатрешни работи, а еден од нив често игра улога и на неизбран гувернер. Но тоа е наша вина, бидејќи им го дозволуваме таквото однесување. Секако дека таквото однесување на дипломатите игра улога и во предизборните кампањи. Што се однесува до странските партиски функционери, кои директно се вклучуваат во изборните кампањи, тоа е практика во целиот свет и ние не сме исклучок. Неоспорно е дека во малите земји, како нашата, странските фактори играат улога што го надминува нивното право, но тоа секогаш зависи од домаќинот. За жал, во Македонија, овие негативни примери се многу нагласени и ние многу често се поставуваме како да сме некаков протекторат – вели дипломатот Ристо Никовски.