Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ги укинаа санкциите против Турција, што беа воведени пред десет дена поради турската офанзива против курдските сили во северна Сирија. Одлуката на Трамп следува откако Русија и Турција постигнаа договор за распоредување војници и продолжување на примирјето по должината на сириската граница. Турската офанзива почна по ненадејната одлука на шефот на Белата куќа да ги повлече американските војници од северна Сирија, пренесува Би-би-си.
– Санкциите ќе бидат укинати, освен ако не се случи нешто од што нема да бидеме среќни – порача Трамп.
Тој додаде дека Турција му дала гаранции дека ќе ги запре борбите во регионот и оти ќе го продолжи неодамна договореното примирје. Американското министерство за финансии подоцна потврди дека санкциите, воведени против турските министерства за одбрана и енергија, како и против тројца високи функционери, се укинати. Трамп истакна дека ќе задржи мал број американски војници во некои делови на Сирија, за заштита на нафтените инсталации.
Американскиот претседател исто така ја повика Анкара да се посвети на обезбедување на џихадистите од Исламската држава (ИД), како и да ја спречи терористичката група од повторно освојување на сириска територија. Висок претставник на Стејт департментот изјави дека над сто џихадисти од ИД побегнале од затворите во хаосот, од почетокот на турската офанзива и дека тие сѐ уште не се лоцирани.
Истовремено, Трамп го пофали договорот помеѓу Русија и Турција, истакнувајќи дека тој претставува „голем успех“. Договорот беше постигнат во текот на паузата на турската офанзива, и со него е предвидено руските и сириските сили да помогнат во релоцирањето на курдските борци на најмалку 30 километри од турско-сириската граница. Како што јавува Би-би-си, руски војници веќе се распоредени во двата клучни погранични градови – Кобани и Манбиџ.