Овие мечеви ќе ми помогнат и во составувањето на тимот што во јануари ќе треба да ги брани боите на Македонија на ЕП, ќе видам на кои играчи колку ќе можам да сметам, вели селекторот, во пресрет на мечевите денеска и утре со Турција и со Италија, во Ескишехир
Подмладената машка ракометна репрезентација на Македонија денеска (17.30 ч) во Ескишехир, Турција, ќе го одигра првиот од четирите пријателски натпревари за време на репрезентативната пауза во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), која е прва фаза од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) во јануари в година, во Австрија, Норвешка и во Шведска.
Во денешниот меч противник на Македонија ќе биде селекцијата на Турција, а утре (16 ч.) избраниците на селекторот Данило Брестовац спроти себе ќе ја имаат Италија. В петок и в сабота, во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, македонските репрезентативци ќе одиграат и два меча со Грузија. Ниту еден од противниците неделава не се пласираа на ЕП 2020. За дуелите со Турција и со Италија селекторот се одлучи да ги испроба можностите и квалитетите на младите репрезентативци од својот список.
– Уште за време на квалификациите за пласман на ЕП почнавме процес на подмладување на репрезентацијата и сметам дека треба да продолжиме за да формираме селекција со барем по двајца квалитетни играчи на секоја позиција. Од таа причина, на овие два контролни натпревари во Турција сакам да ги видам можностите и квалитетите на помладите ракометари, како ќе функционираат и како ќе одговорат на задачите без Кирил Лазаров, Филип Талески, Филип Кузмановски… Овие мечеви ќе ми помогнат и во составувањето на тимот што во јануари ќе треба да ги брани боите на Македонија, ќе видам на кои играчи колку ќе можам да сметам. Во моментов најважно ми е да формираме здрава и цврста одбранбена линија, бидејќи со неиграњето на Велко Марковски автоматски имаме „дупка“ во одбраната, која во најскоро време мора адекватно да ја пополниме – изјави Брестовац.
За двата меча во Турција селекторот ги повика голманите Мартин Томовски и Марко Кизиќ, крилата Димитар Димитриоски, Бојан Маџовски, Ненад Костески и Мартин Поповски, бековите Дарко Димитриевски, Дејан Кукуловски, Михајло Младеновиќ, Марио Танкоски, Горан Крстески, Марко Мишевски, Томислав Јагуриновски и Мартин Велковски и пикерите Жарко Пешевски, Филип Арсеновски и Милан Лазаревски.
Капитенот Лазаров, голманот Борко Ристовски, левото крило Дејан Манасков и бековите Кузмановски и Талевски ќе бидат во комбинација за двете пријателски средби со Грузија.