Главниот преговарач на Европската Унија за брегзит, Мишел Барние, изјави дека неделава сепак е можно постигнување договор за излегување на Британија од Унијата. Барние порача дека сега главен предизвик е британските предлози за сложеното прашање за ирската граница да се преточат во обврзувачки документ, пренесува Би-би-си.
Министрите на ЕУ требаше да добијат нови информации на состанокот во Луксембург за тоа како течат преговорите за брегзит. Сепак, Барние порача дека и понатаму постои голема разлика меѓу Британија и Унијата, а претседавачот со ЕУ, финскиот премиер Анти Рине, предупреди дека нема доволно време за постигнување договор.
Од друга страна, пак, официјален Лондон соопшти дека е постигнат напредок, како и тоа дека преговарачите интензивно работат и оти е возможно да се постигне договор во последната минута. Според британската влада, се очекува денес да продолжат разговорите за брегзит, бидејќи е потребно подетално ажурирање на предлозите.
Истовремено, некои од британските медиуми оценуваат дека е малку веројатно дека нов договор ќе биде договорен до утре, кога во Брисел почнува клучниот дводневен самит на лидерите на ЕУ. Постојат и шпекулации за можен нов самит за брегзит на крајот на месецот.
Дводневниот самит на ЕУ е пресуден бидејќи британскиот премиер Борис Џонсон мора да добие нов договор до сабота, ако сака да избегне одложување на брегзит. В сабота ќе биде одржана итна седница на британскиот парламент, прва во 37 години, на која пратениците ќе можат да го поддржат или отфрлат евентуалниот договор или премиерот ќе мора да побара уште едно одложување на брегзит.