Министрите за надворешни работи на земјите од Европската Унија повторно ги повикаа одговорните политички фактори во Босна и Херцеговина што побрзо да ја воспостават власта на државно ниво и во Федерација Босна и Херцеговина, која не е конституирана една година по одржувањето на општите избори во земјата.
Група млади активисти во текот на викендот одржаа протест пред државните институции во Сараево, незадоволни од неодговорното однесување на главните етнички партии, кои не можат да постигнат договор за формирање на централната власт. На протестот беше даден рок до 13 ноември да се формира Советот на министри на БиХ, а во спротивно најавија дека ќе организираат масовен собир. Младите носеа транспаренти на кои пишуваше „Формирај па заработи“, а беше упатен апел и до европскиот претставник во БиХ да изврши притисок врз политичките партии.
Фарук Гутиќ, еден од претставниците на групата млади, го пренесе барањето за донесување правилник со кој ќе се дефинира пратениците да не можат да примаат надоместоци и плати пред да биде формиран Советот на министри.
– Секоја минута секој делегат троши 2.800 конвертибилни марки. Младите сакаат да се чувствуваат сигурно, сакаат нови инвестиции и политичарите да ја извршуваат својата работа – вели Гутиќ.
Младите активисти изведоа и перформанс со кој се критикува работата на политичарите и пред парламентот во БиХ оставија торта со свеќичка во форма на бројот 1, како симбол на едногодишното неработење на Советот на министри.