Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон синоќа имаа средба, која, како што објави претходно германската државна агенција ДПА, дипломатите ја сметаат за последна шанса да се убеди Париз да го смени ставот за блокирање на планираниот почеток на преговори со Македонија и со Албанија.
Деновите пред министерскиот состанок во Луксембург, на кој ќе се одлучува за датумот за Северна Македонија и Албанија, ги обележија неизвесност и оптимизам.
Претходно Франција навести дека сака на состанокот да поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ, со што би можело третпат да се одложи одлуката за отворање преговори за двете земји.
Германски дипломати, пак, уверуваа дека главна цел на средбата е Меркел да го премисли Макрон, бидејќи, во спротивно, оценуваат дека оној што би го блокирал пристапниот процес ќе биде одговорен за можната дестабилизација на регионот. Германската влада смета дека нашата земја и Албанија ги исполниле сите услови што од нив ги побарала ЕК. Германската агенција ДПА нагласува дека блокадата ќе биде особено горлива за Македонија, која се согласи на промена на името за да го откочи процесот на интегрирање во Унијата.
Германија не е единствената што не се согласува со францускиот потег, пишува ДПА и додава дека таквиот став го споделуваат и многу други земји-членки на ЕУ.
Поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и на Албанија и целиот Западен Балкан викендов изрази претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка, со став дека секој што го блокира почетокот на пристапните преговори со двете земји го загрозува европскиот курс на регионот и штети на кредибилитетот на Унијата.
Премиерот Зоран Заев во неколку наврати изјави дека заслужуваме почеток на преговори со ЕУ и очекува Унијата да го одржи зборот и да испорача.
– Убеден сум дека Европскиот совет на 17 и на 18 октомври ќе ја донесе толку долгоочекуваната одлука за почеток на преговори со земјава. Ние не очекуваме од 18 октомври да бидеме полноправна членка на ЕУ. Свесни сме дека тоа е пат, дека е процес низ кој треба да поминеме. Очекуваме да го добиеме следниот чекор, а тоа е почеток на преговорите, отворање на поглавјата и на пристапните фондови за да продолжи трансформацијата на нашето општество кон европско општество – кажа Заев.