Според листата по завршените тренинг-кампови на американскиот аналитичарски спортски сервис ЕСПН, најмногу шанси за шампионскиот прстен во НБА-лигата има Лос Анџелес клиперс

До почетокот на новите кошаркарски возбудувања во новата сезона во НБА-лигата останаа уште 17 дена, што е доволна причина многу аналитичари и стручњаци да изнесат свои претпоставки пред почетокот на сезоната, која се оценува дека ќе биде мошне возбудлива. Титулата ќе ја бранат кошаркарите на Торонто, но американскиот аналитичарски спортски сервис ЕСПН, во специјалното рангирање по завршените тренинг-кампови го рангира на 12-то место за новата сезона. За изработката на листата гласале 40 новинари и уредници на ЕСПН.

Најмногу шанси за шампионскиот прстен ЕСПН му дава на Лос Анџелес клиперс, кој во своите редови ги донесе кошаркарите Пол Џорџ и Кави Ленард. Следи Милвоки со Јанис Адетокумбо, па Филаделфија, а Лос Анџелес лејкерс предводен од Леброн Џејмс и од Ентони Дејвис е на четвртата позиција. Голден стејт, кој доминираше минатите пет сезони, е рангиран како осми во трката за титулата. Последен, 30-ти е Шарлот.
Но ЕСПН не застана само тука, туку ја објави и својата ранг-листа на најдобри играчи во претстојната сезона, но тоа го прави постепено. Прво ги објави тие од 51-то до 100-то место, потоа од 31-то до 50-то, а сега и од 3-то до 50-то. Непознати остануваат уште првите двајца. На листата од Балканскиот Полуостров највисокорангирани се Србинот Никола Јокиќ и Словенецот Лука Дончич, кои се на седмата, односно на 16-та позиција.

Останува отворено прашањето кој кошаркар ќе доминира индивидуално. Добрите познавачи на НБА-кошарката велат дека борбата ќе се води помеѓу МВП на ланското финале Кави Леонард и МВП на регуларниот дел од минатата сезона Јанис Адетокумбо. Бидејќи Леброн Џејмс е на третата позиција, тогаш јасно е дека првпат по 2011 година, од кога ЕСПН и ја објавува оваа листа, најдобриот играч не е Леброн Џејмс. Колку од сите овие прогнози ќе се остварат останува да се види на 15 април в година, кога завршува регуларниот дел од сезоната.

ЛИСТА НА ТИМОВИ
1. ЛА клиперс
2. Милвоки
3. Филаделфија
4. ЛА лејкерс
5. Хјустон
6. Денвер
7. Јута
8. Голден стејт
9. Бостон
10. Портланд

Извор: ЕСПН