Познатата глумица Рис Витерспун ќе продуцира документарен филм за поранешната тениска ѕвезда Мартина Навратилова и за нејзиниот активизам за човекови права.
Имено, чешко-американската тенисерка по пензионирањето стана ревносна поборничка за правата на маргинализираните општествени групи, особено за ЛГБТ-заедницата. Во 1981 година, таа и јавно изјави дека е една од нив, објави „Дејли мејл“.
– Постигнувањата на Мартина се извонредно значајни во областа на феминизмот, женската атлетика, еднаквоста на геј-лицата низ целата планета, како и за правата на мигрантите – изјави новинарот Глен Гринволд, кој и самиот е деклариран хомосексуалец и учесник во проектот.
Правата за прераскажување на животната приказна на Навратилова ги откупи „Хелоу саншајн“, продукциската куќа на Витерспун.