На официјалната интернет-страница на „Фамикорд“ се појавува посебно прозорче што се однесува на корисниците на „Крио сејв“, а во листата земји на корисници стои и Македонија. Таму може да се провери дали материјалите што биле дадени на чување во Швајцарија безбедно стигнале во Полска

Швајцарското министерство за здравство ѝ ја одзеде лиценцата за работа на компанијата „Крио сејв“, во која и многу македонски граѓани ги имаат зачувано матичните клетки на своите деца, така што многумина од нив стравуваат дека можеби ќе останат без, како што велат, животната инвестиција, која скапо ја платиле.

Швајцарската компанија е во преговори со полската компанија „Фамикорд“, која сака да ги купи, но договор засега не е постигнат, туку полската компанија склучила еден вид преоден договор со „Крио сејв“ само за да се заштитат примероците, кои сега се префрлени од Швајцарија во Полска, поточно во банка во Варшава. На официјалната интернет-страница на „Фамикорд“ се појавува посебно прозорче што се однесува на корисниците на „Крио сејв“, а во листата земји на корисници стои и Македонија. Таму може да се провери дали материјалите што биле дадени на чување во Швајцарија безбедно стигнале во Полска.

Од „Фамикорд“ велат дека тие склучиле договор со „Крио сејв“ да ги чуваат примероците пет години, иако граѓаните платиле сума за чување од 20 до 25 години.

– Доколку „Крио сејв“ банкротира, тоа значи дека сите договори со родителите ќе престанат да важат. Правно гледано, родителите се тие што одлучуваат во врска со матичните клетки. Сè додека детето не порасне, родителите одлучуваат каде ќе бидат преместени матичните клетки. Прашањето што тогаш се отвора е кој ќе плати за тоа, бидејќи повеќето од нив платиле однапред за 20, 25 или 30 години. Ние ќе продолжиме да ги чуваме матичните клетки што се депонирани кај нас само во случај родителите да потпишат договор со нас. Со ова што се случува со „Крио сејв“, загрозена е довербата во целата индустрија – вели Јакуб Баран, претседател на „Фамикорд груп“ од Полска.

Инаку, првично македонските граѓани договорите со „Крио сејв“ ги склучуваа преку фирма-посредник во земјава, но нивната соработка прекинала уште пред неколку години.
– Ситуацијата не е воопшто драматична како што се претставува во медиумите. Она што се случува во Србија е сосема различно од состојбата во Македонија. Тука матичните клетки веднаш по преземањето се транспортираа во банката на „Крио сејв“ во Швајцарија и таму се чуваа, бидејќи кај нас ниту имало услови за такво нешто, ниту, пак, имало закон – вели извор во компанијата „Бимек“, која договорот за соработка со швајцарската компанија го склучила во 2007 година, а пред неколку години соработката прекинала.

Некои македонски граѓани изразија загриженост по информациите дека компанијата во која ги оставиле матичните клетки на своите деца ја тресе голема афера.
– Договор за чување на матичните клетки на своите деца склучив тука, во Македонија, бидејќи сметав дека кога станува збор за здравјето на децата, треба да се инвестира во тоа. Се надевам дека нема да пропадне целата работа, бидејќи тие матични клетки беа инвестиција во здравјето на моите деца – вели Коста М., жител на Скопје.

Од Министерството за здравство до затворањето на бројот не добивме одговор за тоа колку македонски граѓани се засегнати со овој проблем.
Дополнителна загриженост меѓу граѓаните се јавува и поради информацијата дека постои веројатност при трансферот на матичните клетки од Швајцарија во Полска дел од материјалите да е уништен.

Швајцарските власти на 10 и 11 септември извршија претреси на куќите на првите луѓе на компанијата, вклучувајќи ги и просториите на оваа фирма, додека тамошната федерална канцеларија за јавно здравство и агенцијата за лекови „Свисмедик“ отворија истраги. Од тие причини, на 16 септември „Крио сејв“ е отстранета од листата на лиценцирани компании во оваа дејност.
Во Македонија има десетина компании што презервираат матични клетки од крвта на папочната врвца или дел од нејзиното ткиво. Се плаќаат меѓу 1.700 и 2.600 евра еднократно за зачувување на примерокот меѓу 20 и 25 години, потоа се доплаќаат годишни надоместоци.

Пред породувањето идните родители контактираат со претставништвото на компанијата со која склучиле договор за зачувување на матичните клетки и добиваат сет што служи за собирање и за транспорт на примерокот крв и ткиво од папочната врвца што го зема акушерот, непосредно по породувањето. Процедурата е едноставна, безболна и безопасна и за мајката и за детето. Сите породувалишта во Македонија имаат обучен тим за постапката.

Примерокот, по породувањето, се испраќа во банката за матични клетки со лиценциран транспортер. Сите примероци по обработката се делат на два дела и се замрзнуваат во гасовита фаза на течен азот и се чуваат целиот период.
Дилемата како ќе се реши оваа афера останува, а граѓаните со право стравуваат дека, покрај парите, ќе ги загубат и матичните клетки зачувани при раѓањето на нивните деца.


Чувањето на матичните клетки потреба или бизнис?

Укинувањето на лиценцата на швајцарската компанија „Крио сејв“, на која многу македонски граѓани ѝ го доверија чувањето на матичните клетки на своите деца, освен прашањето на судбината на овие клетки, ја отвори и дилемата колку е медицински оправдано да се чува крвта од папочната врвца во приватни банки.
Во Франција и во Италија со закон е забрането формирање приватни банки за матични клетки, а во некои земји со закон е предвидено приватните банки да мораат да ги исполнуваат истите стандарди како јавните, односно семејните банки.
Според податоци во стручните литератури, веројатноста матичните клетки оставени во приватна банка да бидат искористени е помала од 1 наспроти 2.500.
Матичните клетки, кои може да се добијат од коскената срцевина, периферната крв или од крвта во папочната врвца, се користат како стандардна терапија за лекување само некои облици на леукемија, само некои облици на ракот на лимфните жлезди, некои вродени или стекнати слабости на коскената срцевина, вродени слабости на имунолошкиот систем, некои видови вродена слабокрвност и некои вродени болести на таложење.
Некои од лекарите сметаат дека матичните клетки не се покажале премногу ефикасни во лекувањето одредени болести и дека целата работа со чувањето во приватните банки е еден голем бизнис.